Во салата преполна со дечиња од детската градинка „Вера Циривири - Трена“ во Штип студентите од Факултетот за образовни науки денеска ја одиграа премиерата на претставата „Приказна за рибарот и рипката“, работена според текст на Александар С. Пушкин.
Претставата се играше во Мултимедијалниот центар на универзитетот, а салата беше исполнета со пресреќни дечиња.
Сите улоги ги толкуваат студентите од трети, петти и седми семестар од Факултетот за образовни науки. Режијата, драматизацијата и адаптацијата на текстот се на проф. д-р Кирил Барбареев, музиката е на проф. д-р Томислав Таневски, а кореографијата - на проф. д-р Билјана Попевска.
Претставата ќе се изведува со техничка поддршка на Александар Максимов и е во целосна продукција и реализација на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.
Покрај дечињата, големо задоволство изразија и наставниците, кои пројавија интерес во иднина соработката меѓу Факултетот за образовни науки да биде на повисоко ниво во интерес на децата и самиот воспитно-образовен процес.
Претставата ќе се игра и на 27 декември и тоа во два термина - во 10:30 часот ќе ја гледаат од детската градинка „Астибо“ – Штип, а во 12 часот ќе следува претстава наменета за вработените во Универзитетот и во болницата во Штип.