Сите ги знаеме негативните наслови што кажуваат за тоа како човечката активност ја уништува климата на Земјата. Но, всушност, не е само на Земјата. По сѐ изгледа само со посетувањето на Месечината астронаутите ја затоплиле, и тоа не во некоја незначителна мера.
НАСА има репутација на агенција која губи важни снимки. Сериозно, можевме да гледаме снимки со висока резолуција од Нил Армстронг како стапнува на Месечината ако оригиналните снимки од „Аполо 11“ не беа загубени и случајно избришани. Па, не е изненадување што по 70-тите години проучувањето на температурата на Месечината беше запоставено поради недостигот на финансии и беа архивирани само дел од податоците. Останатите - зборуваме за стотици навои лента - се претпостави дека се загубени.
Во тоа време во НАСА беа збунети од податоците. Покажуваа дека температурата на Месечината се зголемила за неколку степени по само неколку години откако првите астронаути ја посетиле. Неодамна истражувачи од Тексас што ги набљудуваа чудните температурни варијации ја остварија мисијата за наоѓање на исчезнатите ленти. Им беа потребни осум години, но конечно успеаја да следат и да вратат повеќе од 400 навои кои ги искористиле за детално да ја проучат мистеријата на затоплувањето на Месечината.
Лентите покажале дека на длабочина до три метри под површината на Месечината температурата се зголемила од 1,6 Целзиусов степен на 3,5 Целзиусови степени во период од само шест години. Хипотезата на истражувачкиот тим била фасцинантна: што ако отпечатоците од стапалата на астронаутите ја затоплувале Месечината?
Фото: Curiosity
За сивкавиот изглед на Месечината е одговорен нејзиниот состав - два типа карпи, од кои едните се посветли, а другите потемни. Исто како што ни е пожешко кога носиме црна маица, така и темните површини на Месечината апсорбираат повеќе топлина од Сонцето за разлика од светлите. Тимот ги искомбинирал податоците стари 40 години со фотографии од орбитер кој моментално орбитира околу Месечината за да ги зумира нарушувањата на Месечевата почва предизвикани од нашите посети таму.
Како што веќе претпоставувате, секоја активност на астронаутите ја нарушува површината на Месечината и ја открива потемната почва, која е подлабоко. Со други зборови, со одењето на Месечината астронаутите ја промениле структурата на почвата така што ја направиле малку потемна.
Вкупно 12 лица имаат отидено на Месечината, а последниот пат тоа се случи во 1972 година со „Аполо 17“.
Со очите вперени кон Марс и подалеку, нашите ефекти врз Месечината треба да бидат повик за будење кој ќе нѐ потсети да бидеме грижливи со планетите што не се наша
сопственост.