X
 19.12.2022 Наука

Зошто 50 години никој не успеа да слета на Месечината?

Многумина се прашуваат зошто кон крајот на 60-тите години астронаутите и НАСА успеале да слетаат на Месечината, а сега со толкав напредок во технологијата и науката, никој не успеа во тоа.

Големиот план на НАСА е да ги врати луѓето на Месечината. Првично требаше да биде во 2024 година, но тој рок сигурно нема да биде испочитуван, а сега се очекува тоа да биде во 2025 година, иако никој не треба да биде изненаден во случај на дополнителни одложувања. Првиот дел од „Артемида“, како што беше наречена мисијата за враќање на Месечината, иако беше одложен, беше успешно завршен. Вселенското летало „Орион“ ја обиколи Месечината и успешно се врати на Земјата, а сега чекаме нов лет, во кој ќе има и човечки екипаж.

Ако и тој се покаже успешен, следниот чекор е да се освои Месечината, каде што човечка нога не стапнала во изминативе 50 години.

Некои луѓе веруваат дека човекот никогаш не слетал на Месечината. На интернет постојат многу теории на заговор и аргументи што ги поткрепуваат теориите на заговор. Една од овие теории е фактот дека и покрај неверојатниот напредок во технологијата и научните откритија во последните 50 години, луѓето не се вратија на Месечината.

Зошто е тоа така, објаснува поранешниот администратор на НАСА, Џим Брајдстин, во интервју. Како што вели тој, причините за тоа не се ниту технолошки ниту научни туку - политички. Да не беше политичкиот ризик, Брајдстин вели дека НАСА досега ќе слеташе на Месечината. Веројатно би биле и на Марс, но тој потсетува дека ваквите вселенски програми траат многу долго и чинат многу пари.

nasa
Фото: Freepik

Со оглед на тоа што мисиите за истражување на вселената со екипаж се најскапи, за нив е и најтешко да се добие политичка поддршка.

Исто така, проблемот е што кога има промена на позицијата на првиот човек на САД, како и на администрацијата, тие не мора да го поддржат буџетот на претходната влада, кој е потребен за исполнување на претходно зацртаните планови. На пример, во 2004 година претседателот Буш ја задолжи НАСА да развие вселенско летало кое ќе го замени спејс шатлот и ќе ги врати луѓето на Месечината. Тогашната програма наречена „Консекрејшн“ чинела 9 милијарди долари и траела 5 години, а во текот на тие 5 години инженерите развиле и тестирале хардвер, но кога Обама стана претседател, НАСА ја напушти таа програма и се насочи кон ракетата „СЛС“ со која беше лансиран „Орион“.

По Обама дојде Трамп, кој исто така смени дел од приоритетите на НАСА, а приоритет му беше да се врати на Месечината, но и да го освои Марс.

Таквите чести промени на вакви скапи проекти на крајот ја чинеа НАСА дури 20 милијарди долари, како и многу потрошено време и труд на експерти. Бајден, се чини, е исклучок во оваа ситуација бидејќи не ја промени програмата на Трамп, „Артемис“, и ги задржа вселенските сили.

Што се однесува до финансиите, претходно многу повеќе се инвестираше во НАСА. Уделот на НАСА во федералниот буџет од 1965 година изнесувал дури 4 отсто, додека во последните години тој буџет е околу 0,4 отсто. Програмата „Аполо“ тогаш чинела 142 милијарди долари. Во 2005 година НАСА предвиде дека трошоците за враќање на Месечината ќе бидат 104 милијарди долари, односно денес тоа се 162 милијарди долари.

Извор: Business Insider
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука