X
 14.07.2019 Живот

Од „коко-такси“ до џипови од Втората светска војна - најуникатните превозни средства

Секој ден луѓето од целиот свет патуваат од точка А до точка Б користејќи уникатни методи за транспорт.

Некои од нив се нискотехнолошки решенија создадени од потребата за евтин транспорт. Други, како високотехнолошкиот маглев воз, се сметаат за неверојатни научни откритија.

Ова се најуникатните форми на транспорт низ целиот свет, од Португалија до Камбоџа.

„Коко-такси“, Куба



„Коко-такси“ е популарен начин на превоз за туристите што ја посетуваат Куба уште од 90-тите години. Такси-возилата се направени од школки од фибер-стакло, а нивните седишта се поставени на скутери „пијаџо“. Името го добија по нивните светложолти школки во форма на кокос. Може да се најдат во големите кубански градови како Хавана, Верадеро и Тринидад.

„Џипнис“, Филипини


„Џипнис“ се сметаат за симбол на филипинската култура. Овој транспорт сличен на автобус бил направен од  џипови „вили“ оставени од САД по Втората светска војна, во раните 50-ти години. Џиповите биле издолжени за да соберат повеќе седишта, им бил ставен покрив и биле обоени во живописни бои. Уникатните бои ги привлекоа дизајнерите како Кристијан Лубутин, кој во 2018 година објавил линија на чанти инспирирани од возилото. Во текот на изминатите неколку години претседателот на Филипините, Родриго Дуерте, се обидувал да ги отстрани џиповите, и покрај протестите на возачите и граѓаните со ниски приходи. Претседателот се надева дека ќе ги замени со поеколошки, модернизирани возила што повеќе ќе личат на автобуси. Оваа промена е со цел да се намали загадувањето, да се зголеми безбедноста и да се направи јавниот превоз подостапен.

„Швебебан“, Германија


Следниот пат кога го посетите Вупертал, Германија, повозете се со „Швебебан“, кој вози над градот. Возот почнал со работа во 1901 година, а сега го користат околу 85.000 патници дневно.

Железничката пруга е исто така позната по инцидентот од 1950 година, во кој бил вклучен циркускиот слон Туфи. Слонот се возел на железницата како дел од рекламна точка и паднал од прозорецот, но го преживеал падот од 11 метри.

„Нори“, Камбоџа


Овие бамбусови „возови“ се состојат од мотор и бамбусова плоча со димензии 1 на 3 метри. Дрвената основа служи како сопирачка и забрзувач.

Возот „Маглев“, Шангај


Магнетите ги заменуваат традиционалните челични тркала на возот „Маглев“ во Шангај. Возот левитира над шините користејќи технологија на магнетна левитација (маглев), а недостигот на тркала и мотори значи дека возот може да се движи со 430 километри на час. Овој еколошки воз е тивок, користи помалку енергија од обичните возови и функционира одлично под лоши временски услови.

„Монте тобогани“, Португалија


Тобоганите се состојат од санка на дрва контролирана од двајца возачи. Возачите служат како кочници, педали за гас и управувачи. Овие санки може да достигнат до 30 километри на час и некогаш биле вообичаена форма на транспорт за спуштање на ридот од Монте до Фунчал. Сега повеќе се туристичка атракција.

Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот