Вработените во воздухополовството и во ИТ-компаниите се најплатени работници во земјава, а најниски плати имаат тие што се занимаваат со риболов и со кожарство, покажува најновиот извештај за исплатените плати што го објави Државниот завод за статистика.
Пилотите и другите вработени во воздухопловниот сектор во февруари имаале просечна нето-плата од 52.756 денари, додека комјутерските програмери имале месечен надомест од 49.180 денари. Повисоки плати имаат и вработените во компаниите за производство на лекови и други фармацевтски производи кои во февруари имале плата од 43.260 денари. За разлика од нив, просечната плата на работниците кои се занимаваат со рибарство во февруари изнесувала 10.590 денари. Во слична ситуација се и вработените во кожарската индустрија кои имале плата од 11.799 денари.
Кога станува збор за просечните плати на ниво на цела индустрија, во најдобра положба се вработените кои се занимаваат со финансиски и осигурителни дејности, каде просечната нето-плата во февруари изнесувала 58. 657 денари. Најлошо платени се вработените во земјоделството, шумарството и рибарството каде просечната исплатена плата е 16.309 денари.
Државната статистика пресмета дека просечната нето-плата по вработен во февруари изнесувала 22.347 денари. Притоа, овој месец, 1.3% од вработените во земјава не примиле плата.
Зголемување на платите имало во секторите транспорт и складирање, информации и комуникации и во рударство и вадење камен. Намалување на платите е регистрирано во секторите снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и во трговијата на големо и мало.