X
 14.08.2018 Живот

Министер си даде оставка поради мобилен телефон

Норвешкиот министер за рибарство Пер Сандберг поднесе оставка по признавањето дека ги прекршил владините безбедносни протоколи во текот на одморот во Иран минатиот месец.

Toj најпрвин не ги известил колегите каде оди на одмор, а со себе го носел службениот владин мобилен телефон, поради што бил укорен од страна на премиерката Ерна Солберг бидејќи ги прекршил прописите на владата за патување.

Сандберг, кој е челник на антиимиграциската партија Напредок, бил критикуван и внатре во партијата затоа што во Иран ја носел и својата девојка, 28-годишната Бахарех Летнес, која е родена во Иран и која норвешкото државјанство го добила пред десет години.

Малцинската коалициска влада на Солберг, во која се вклучени конзервативците, партијата Напредок и либералите, ја загуби популарноста кога јавноста дозна за патувањето на Сандберг.

Премиерката истакна дека веднаш побарала од министерот да го предаде мобилниот телефон на безбедносните служби за да го проверат, но пак беше мета на критики од страна на другите партии во парламентот кои ја доведоа во прашање способноста на владата да се грижи за националната безбедност.

Владата бара од министрите да ја известат канцеларијата на премиерката за тоа каде патуваат, независно од дестинацијата. Исто така, забрането им е користење на службените мобилни телефони во земји со кои Норвешка нема воспоставено безбедносна соработка.

Нов министер за рибарство е Харалд Том Несвик, исто така од партијата Напредок.

Mорските плодови се вториот најголем извозен производ од Норвешка, по нафтата и гасот. 
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот