Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.
Овој пат во фокусот на нашиот интерес е новооформеното и надежно музичко трио наречено „Инсанус“. Главен виновник за формирањето на бендот е нашиот соговорник - гитаристот Кире Мирчовски, 28-годишен скопјанец, студент на Факултетот за музичка уметност во Штип.
„Инсанус“ е името и на соло-албумот кој неодамна тој ѝ го претстави на публиката заедно со Стефан Митев (бас-гитара) и Александар Џо Господов (тапани), со кои и сега продолжува да свири во трио.
- „Инсанус“ е насловот на соло-албумот. Материјалот го снимив во студиото „Greenroom sound“ на Дамир Пух. Крајна цел на проектот ми беше да оформам бенд со кој би го презентирал материјалот во живо. Не така лесен процес, но на крај испадна одлично. Јас сум на гитара, Стефан Митев на бас-гитара и Александар Џо Господов на тапани. Продолжуваме понатаму како трио, „Инсанус“ ни даде ветер во грб да продолжиме заеднички како бенд, да создаваме нова музика, па со оглед на целава ситуација и отежнатите услови за работа, се надеваме дека до крајот на годината ќе извадиме и еден сингл. „Инсанус“ е составен од 5 песни, инструментален рок, освен песната „Petrichor“ каде што ми гостува Мијата (текст и вокал). Немаше можност од организација на настан каде што сите би се собрале на куп, па затоа решив со момците да отсвириме во живо и да го споделиме настанот. Свиревме на покрив со прекрасен поглед на градот, па на моменти имав чуство дека цел град нѐ слуша и е со нас. Ние сме екипа „Инсанус“ сѐ уште, стилот на музика, правецот во кој се движиме, начинот на кој сакаме да се претставиме за брзо ќе го дефинира нашето ново име - ни раскажа Кире.
Во продолжение ви го пренесуваме музичкиот материјал кој нам лично многу ни се допадна. Слушнете.