X
 14.09.2021 Живот

Интервју со Ѓорѓи Рафајловски: Технолошкиот парк на УЈИЕ ги обучува студентите како да формираат и да водат своја компанија

Како пилот-проект на Универзитетот на Југоисточна Европа, Технолошкиот парк – SEEUTechPark успешно функционира и работи веќе 8 години, од 2013 г. За успесите, развојот, предизвиците и како Технолошкиот парк работи со студентите, разговараме со оперативниот директор Ѓорѓи Рафајловски.

Технолошкиот парк е успешна приказна на УЈИЕ. Кои се успесите на Паркот од отворањето до денеска?

Технолошкиот парк – SEEUTechPark успешно функционира и работи веќе 8 години, од 2013 г. кога започна како пилот-проект на Универзитетот. Денес, може да се пофалиме со многу успеси низ годините, како што се настаните: Startup Weekend, Wednesday Talk!, Startup Grind, NASA Space Apps Challenge Global Entrepreneurship Week или Women in Tech.
Исто така, денес сме горди партнери на една домашна акцелераторска програма – #Чекор по Чекор во соработка со Sparkasse Bank и дури 3 меѓународни програми: EBRD’s Star Venture, GIZ’s WB6, и Delloite’s Startup Program.

Колкав е бројот на стартап-фирмите отворени во рамките на Паркот и кој е бројот на ангажирани наши студенти во тие фирми?

Денес семејството на SEEUTechPark брои вкупно 15 стартап-компании. Иако досега сме поддржале и 31 стартап кои не се физички лоцирани во кампусот, исклучително сме горди на нашите Тек Парк стартапи, кои досега имаат отворено над 150 нови, високотехнолошки работни места.
Иако бројот на студенти варира како што растат самите бизниси, нашите анализи кажуваат дека над 80% од сите вработени се алумни или студенти на SEEU.

Дали има наши студенти што отвориле фирма преку Технолошкиот парк и сега се самостојни и имаат успешен бизнис?

Да, имаме доста примери на компании започнати од студенти и сега се успешни стартап-приказни, како на пример: Vivo, Adaptive Scale, Dr.Web, Codeu и други.
Дури некои од стартапите имаат подигнато инвестиции од домашни и странски инвеститори за забрзан раст на нивниот бизнис

Кој е профилот на фирми кои актуелно функционираат во Паркот?

Профилот на компаниите е претежно во ИТ-секторот, односно, т.н. „дигитални услуги“. Па така, имаме компании кои се занимаваат со GPS-системи за реално следење, миграција на Cloud податоци, достава, софтвер за менаџмент во хотелиерството или решенија за HR-менаџмент. Ова е така поради сè поголемата инволвираност на младите и студентите во напредни технолошки и дигитални решенија.
Инаку, ние како Технолошки парк поддржуваме широка палета и на други дејности и индустрии.

Кои се идните планови на Паркот?


Нашите среднорочни планови се фокусирани на четири главни области, каде што сакаме да дејствуваме и да ги градиме своите капацитети во иднина. Тоа се: 1) јакнење на регионалниот стартап-екосистем – со кој сакаме да поддржиме што е поголем број претприемачи од регионот, 2) креирање мал инвестициски фонд - со кој директно финансиски би ги помагале најперспективните стартапи, 3) поддршка на фаб-лаб лаборатории – со кои би ги поттикнале и бизнисите кои работаат со хардвер, и 4) канцеларија за интелектуална сопственост и трансфер на технологии – со која би придонеле за поголеми иновации во и од академијата кон бизнисите.

Освен отворање стартап-компании, кои други услуги ги нуди Паркот кон заедницата?

Генерално, Технолошкиот парк нуди широка палета на услуги, инфраструктурни и услужни сервиси. Студентите можат да дојдат само со идеја, па ние да им помогнеме за нивниот бизнис-модел, тренинзи, продажни вештини, маркетинг и истражување на пазарот, менторство, презентации, но и пристап до капитал, како и правни совети и канцелариски простор адаптиран за нивните потреби. Исто така, само кај нас можат да добијат стручна помош околу вреднувањето на нивниот стартап или заштита на нивната интелектуална сопственост.
Од друга страна, универзитетскиот кампус нуди екстра услови за брз развој на еден стартап. Оптичка мрежа и базичен WiFi низ целиот кампус, сала за состаноци, конференциска сала, инфо-пулт, паркинг и одржување, супермаркет, кафетерија и ресторан, како и можност за канцелариски простор како што расте и самиот бизнис.

Што нуди Технолошкиот парк за студентите на УЈИЕ?

За студентите на SEEU имаме подготвено цел пакет на услуги, настани, тренинзи и професионални усовршувања кои ние ги нудиме бесплатно или по пониски – субвенционирани цени.
Бидејќи знаеме дека студентскиот стандард е ограничен, но од друга страна нивната креативност и иновативност се практично неограничени, сметаме дека поддршката за студентите е круцијална. Затоа, имаме усвоено „we give first“ пристап, според кој ние сме тие што ја иницираат соработката со тие студенти што имаат потреба од нашите услуги.
Ги охрабруваме студентите да дојдат и да ја посетат нашата канцеларија дури и ненајавено. Ќе поразговараме на кој начин може најдобро да им помогнеме.

Споредено со капацитетите, бројот на кадри, која е позицијата на Технолошкиот парк во Северна Македонија или регионот споредено со слични или исти организации?

Со гордост може да кажеме дека по однос на сите параметри SEEUTechPark – како прв Технолошки парк во С. Македонија е на генерално слично, па дури и подобро ниво од останатите организации – поддржувачи на стартапи во земјава, но и во регионот. Препознаени сме како еден од главните чинители, основачи на Startup Macedonia, која е своевидна чадор-организација која ја промовира стартап-културата во државата, но и членки на многу меѓународни организации кои ги застапуваат истите вредности. Ние сме една од ретките организации кои можат да се пофалат со свои уникатни услуги, мрежа од повеќе од 350 ментори, над 30 инвеститори и сопствени капацитети за успешно портфолио на услуги.
Ваквиот успех се должи, пред сè, на нашата поставеност како профитна организација, што во теорија значи дека работите ги правиме поефикасно или побрзо, нашиот долгогодишен континуитет, но и уникатноста на менаџментот кој е идеален микс на академски, бизнис и технолошки лица кои умеат да ја препознаат важноста на институцијата како промотор на претприемништвото и иновациите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот