Професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет при УКИМ изработи карта на изгорени површини на отворен простор на која може да се види колкава површина изгорела од 2000 до 2023 година, а особено во 2024 година.
Како што се наведува на ИГЕО портал, мапата била изработена врз основа на MODIS сателитските снимки, на платформата Google Earth Engine.
- Иако целта беше развој и проверка на методологија, добиената карта изгледа малку застрашувачки, особено во поглед на овогодишните опожарени (изгорени) површини. Уште пострашно е што мошне веројатно ваквиот тренд ќе продолжи уште пожестоко во идните години (можеби не баш следната, но секако во следните неколку). Останува да се надеваме дека државните институции ќе бидат подобро подготвени за овие предизвици, тесно поврзани со очекуваните временски екстреми и климатски промени - стои во објавата.