Многу е лошо (не е фер) кога некој ќе ве декларира за пијаница во период кога следуваат верски празници, мразам и кога некој почнува да ти јаде трици за тоа каде си бил со кого и зошто за време на големиот настан. Во најмала рака станува збор за “лоу кик” или заседа поставена од некоја си бивша непријателица која те колне и коби (због љубоморе) уште од денот кога си ја откачил за на кафе со цел да седиш со другарите у Нено, Монако, кај Глувчето, Балкан или останатите институции за точење вино и ракија.
Види сега, колку и да звучи чудно сепак дел од вината лежи и кај тебе, притаен хроник кој седи на Коледица крај оган додека зимното доба чука по твојата тимба со безбројните снегулки кои беа играле наоколу истата вечер. Сума сумарум од кога изветреала ракијата изутрината во седум сваќаш дека си завиен во снегот, чувствувајќи се како да работиш за јавно претпријатие Македонија пат: “И оваа година не изненади белиот кокаин кој паѓаше во текот на целата вечер”. Уште и имаш дрскост изненаден да се појавиш на работа во осум и триесет со изговор: “Не можев да ги најдам врвките од левата чевла”. Сите твои ораторски способонсти во оваа ситуација почнуваат да губат на вредност. Ма можеш да ги икористиш сите асови кога станува збор за стилско изразување (лигавење или мачкање очи) ги пукаш сите со метафори, ономатопеи, персонификации, компарации.. Но аромата која испарува од тебе со сите тие мириси на орбит мастика, коњак, малку црно винце и цигарите у комбинација те деградираат пред збунетите очи кои сега полека добиват перспектива на цинично исмејување поради твојата патетика. И единствено на што се надеваш и копнееш од тој момент па натака е желбата денот да заврши што е можно побргу да конечно на раат ја оставиш биљата да ти чурит од сите тие вински сокови кои се наобрале во твојата глава.
Нема ништо смешно кога е алкохолот во прашање, посебно кога истиот го користиме како изговор за Божиќ, Василица, Коледица, Водици, Велигден итн.. Уствари изговор е премногу слаб израз, морална обврска или одговорност е кога ќе се довлечкаш на нечие име да се напиеш барем по неколку за атер на домаќинот, за гостите и за своја душа на крај (колку и да останало од истата).
И ајде пробај замисли си ја ситуацијата каде си зацртал за цел да не ставиш ниту капка во уста..
Овде кај нас се нуди широк репертоар од алкохол што те режи “ѓоа колаж папир” од типот: Ракија (жолта, бела), вино домашно од сите можни сорти што ги нуди тиквешијата, онда те “сечат” со коњак за да ти легне сувомесното, додека кај останатите виси и понудата од скоч и балентајн за тие со висока нога. Домаќинот те прашува гордо:”Што ќе се напиеш”? А ти спремен ко пушка:”Дај една боза”! Сега.. Набрзо после твојот одговор сите почнуваат да се смеат плукајќи маслинки или давејќи се во зелката додека домаќинот те гледа намуртено после твоево излагање.
И сега кој да ти каже Ивана зошто баш кај нас се погодил менталитетот да е Балкански, дури и за боемска вечер додека ти чкрипи виното и слушаш блудникава поезија од луѓе кои повеќе знаат за Северина отколку за Матевски, Бошковски, Шопов или Арсов ти доаѓа да се крстиш на тоа со кој се’ си фатил работа.
Како и да е. Боемите не беа тема а оваа колумна.
Пред нашите врати стои уште еден голем празник за нас македонците “Богојавление Водици”. Ги гледам уште сега измрзнатите стави покрај брегот на реката Луда Мара како ја маваат ракијата на екс додека свештеното лице се подготвува да го рекетира крстот во студените води. Она што следува понатаму се брзите чекори и викотниците додека некој не го подигне симболот за она што сме денес. Духовно исполнети брзо забораваме на сите тие сплетки кои ни ги носи животецот додека пливаме низ неговите води за да го пронајдеме сопствениот мир. “Бог се јави”! Нека ни е за многу години!
Автор: Александар Ганчевски
Дипломиран економист. Прочитај ги сите статии на Александар Ганчевски
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.