X
 12.07.2024 Наука

Високите тавани во просториите се поврзани со послаби резултати на испитите

Ново истражување открива врска помеѓу висината на таваните во испитните сали и перформансите на студентите, што можеби звучи малку лудо, но има поголема смисла ако повеќе размислувате за тоа.

Иако обликот на просторијата не може да го компензира фактот што не сте учеле или да ве направи попаметни отколку што бевте порано, знаеме дека средината во која се наоѓаме има влијание врз нас. Тоа ја вклучува нашата способност да се концентрираме и да работиме на ментални задачи.

Авторите на истражувањето од Универзитетот во Јужна Австралија и Универзитетот „Дикин“ во Австралија велат дека големите и отворени простории, со високи тавани, им отежнуваат на студентите да се фокусираат на она што е пред нив.

Претходно истражување од некои од истите истражувачи, користејќи технологија за мапирање на мозокот и виртуелна реалност, открило врска помеѓу когнитивната способност и како една личност ја перципира големината на околината. Овде тимот сакал да направи неколку тестирања во реалниот свет.

- Сакавме да ги примениме нашите лабораториски наоди во реалниот свет на податоци и да видиме дали големиот простор за време на важни задачи ќе резултира со послаби перформанси кај луѓето - вели психологот Изабела Бауер од Универзитетот во Јужна Австралија.



Истражувањето ги анализирало резултатите од испитите на 15.400 студенти во текот на осум години.

Во испитните простории со високи тавани студентите обично имаат послаби резултати во споредба со оние што полагаат испити во простории со стандардна висина на таванот, дури и откако ќе се земат предвид возраста, полот, времето од годината, предметот на испитот и претходното искуство.

Сепак, она за што научниците сè уште не можат да бидат сигурни е дали вистинските димензии на просторијата имаат ефект или е во прашање нешто друго поврзано со околината - како температурата или влажноста во просторот, па дури и колку други студенти се наоѓаат во просторијата.

- Од клучно значење е да се препознае потенцијалното влијание на физичката средина врз перформансите на учениците и да се направат потребните приспособувања за сите студенти да имаат еднакви можности за успех - вели образовниот психолог Џејклин Бродбент од Универзитетот „Дикин“.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука