X
 21.05.2015 Колумни

Мислите на еден паталец

И стојам во црната темница под наведнатите липи на работ од тротоарот глув за светот а слеп за себе криеќи се од светлината на месецот.

 

Направи да ми е гајле за работа или сабота, та дури во најголемата политичка криза не сакам ни да го опулам светот, некако не ме интересира. Единствено од мене се забележува само сјајот од цигарата и благата насмевка која никако не можам да ја сокријам. Ме издава, ме збунува. Ги буни и останатите околу мене кои се џарат со страшен поглед, по малку подбуцнуваат по малку обвинуваат, ме испитуваат, се преиспитуваат, раскажуваат... А јас?! Јас за прв пат немам одговор. Онака  реторичко си се прашувам дали им е нив можеби криво, дали ми е мене саркастично розево или сиво. Абе кутриот ништо од тоа не можам да наслушнам. И не знам зошто ми се глуви мисливе од нештово што се’ посилно лупа некаде внатре додека бабата по придавка темна а по име ноќ полека но сигурно ми го преплетува твоето присутство.

Обично во минатото мисливе постојано ги контролирале чувствата ама овојпат е некако обратна работава. И додека ме тераш да пишувам јас си се мутрам самиот на себе зошто ми избегала музата од љубомора, едноставно ми е затната главава ко што ми е затнат носот од твојот мирис кој ме следи насекаде. Тоа е единствениот одговор, се друго е лага после која само ќе се намуртам додека двајцата молкум чекориме полека и слатко. И ќе ме задениш со благ стисок на ракава полна бледи лузни од минатото криејќи ги кон тебе, правејќи ме да изгледам малку попристојно пред светот од тоа што некогаш сум бил и постоел како звер криејќи се низ темницата од некое си проклетство кое ме следело и ме следи. И само заради тоа сум преплашен, затоа што слушав од постарите дека љубовта е стравот за ближниот свој. И ќе ти кажам тогаш најмногу си се лутам, како цитатов од моите чкрапаници кој го парафразирам за да знаеш дека само поради тоа сум строг кон себе и само затоа се крстам и мрштам за гревовите мои молејќи го за прошка господарот свој. Само за да ги пребродам деновите кои ги имам од што ми чкрипи и ме гуши градниот кош затоа што повеќе не остана ни трошка душа, само затоа што веќе ниту дел од нејзе не ми припаѓа мене.

И црвени ти се образите сега знам, малку е чудно кога човек ќе допре до нечије срце ама уште почудно е истото да го немаш, како да не е повеќе твое затоа што чука по ритамот на ситните и остри чекори кои ме прогонуваат. А и не би сакал да биде поинаку, овде и фигуративниот опис го беше изгубил своето значење владее само копнежот за наредната средба.
     

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни