X
 07.07.2015 Колумни

Исто како писмо од Рајнер Марија Рилке

Очи соколови со бело јаболко да не пукнат гледајќи ме. Како душата да плови кон нив онака напатено и со плач и чуствувам како се кине пустата ко од месо и коски та ми трештит земјата од таа сила, та ми корнит небото затоа што толку љубов и англите немаа видено. Кажи ми како да си одам. Кажи ми како да те оставам, да заминам далеку знаејќи дека си сама со своите мисли гледајќи само горе во тоа вечерно небо. Одгоре црни темници со разиграни светулки, од долу блескав сјај твој. Та рајот е сега на земја а небесата пеколот. Горка ми слика, чудна ми љубов, благи ми усни твои од малина по кои само копнежот се познава. И да сум далеку мила не плаши се, онаму Кожувот каде завршуваат ливади рамни а почнува чекорот да гази под меката земја од лисја букови, таму каде борјата со своите врвои го допираат месецот извишувајќи се над црната темница можам да го видам твојот лик како се рефлектира од вечерното небо. Ме бараат твоите очи, ги барам и јас нив одејќи кон врвот, таму сум поблиску, таму си со мене.   

    
Колумниве ми станаа ко писмо на младиот поет од Р.Марија Рилке. Така кратки и необични, некако ден за ден, здив за здив. И ти пишувам колку да не ме гушат градиве за воздух од твоето присутство, само за да ја истурам оваа вреќа од чувства. Но не затоа што не ми даваш мир. Туку затоа што не сум навикнат, не можам повеќе  да го бркам срцето по градските тротоари постојано сопнувајќи се со погледот вперен нагоре кон вечерното небо и неговите дотерани сестрички кои сјаат наоколу. Тоа ме изморува...

Ме изморува и потрагата барајќи одговори на моите веќе досадни реторички прашања размислувајќи само за тебе. Затоа ќе те наречам само сенка која оди заедно со мене. Не сакам останатите да знаат, не сакам останатите да те видат или да слушнат како те нарекувам љубов. Секој нивен збор ја краде твојата насмевка или создава нова но горчлива крадејќи го твоето внимание правејќи ме нервозен макар и да е само за миг. Единствено нешто што ме смирува се бакнежите, со нив го смирувам и твоето слатко дрдорење, се навлеков на нив како на дрога. Тие се раѓаат така чисти и невини на работ од темната улица кога стражарите веќе беа ги исчистиле истите од туѓите љубопитни погледи. И затоа нашите средби станаа се по чести, баш затоа и да сакаш не можам да избегам од тебе макар и на ден. Колку да си знаеш... Нив ќе ги барам постојано.

Автор: Александар Ганчевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни