X
 16.12.2018 Живот

Ученици од Пустец ќе добијат книги на македонски јазик, на УКИМ немало вработувања и по 10 години, едвај ги испративме во Боцвана се вратија со медали... Што истражуваше Факултети.мк?

Ученици во Пустец, благодарение на акција на третоодделенци од Прилеп и нивната наставничка, ќе добијат учебници, лектири на македонски јазик и многу надгледни средства, како се станува успешен студент во Бугарија, какви новогодишни желби имаат студентите на Правен, што подготвува КМГ Спорт, агенцијата која долги години наназад стои зад сите проекти на нашиот најдобар спортист Кирил Лазаров, но и зошто и по 10 години немало вработување на некои факултети на УКИМ...
Ова се само дел од темите што минатата недела ги истражуваше Факултети.мк.



Едвај ги испративме во Боцвана, а половина тим се врати со метали. Ова е насловот на најубавата вест што ја објавивме минатата недела. По подолги финансиски перипетии, нашиот тим успеа да собере буџет од спонзори и донатори од цел свет. Тројца од шест ученици освоија бронзени медали за Македонија на 15. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки.

Истражувавме и зошто Охрид беше најпогодното место за св. Климент да ја основа најстарата школа. Во книгата „Плаошник, возобновената црква на св. Климент и Пантелејмон“, Грозданов, кој цел живот го истражуваше животот и делото на св. Климент, вели дека Светиклиментовата манастирска црква на Плаошник била вистинскиот извор на светлина.
- Во пролетта 886 година, св. Климент Охридски пристигна во Македонија, на брегот на Охридското Езеро, по многуте потреси што ги доживеа од Византија до Велика Моравија, Венеција и Рим, и тука го пронајде тивкото пристаниште. Во судбоносно време, по смртта на Кирил и Методиј, во Панонија почнал жесток прогон на нивните ученици, а опстанокот на сесловенската писменост и култура бил доведен во прашање - пишува Грозданов.

Повеќе од 1.000 перничиња нацртани со цртежи од ученици од Прилеп ќе им донесат нови книги, сликовници, лектири и надгледни средства на учениците од Долна Горица, Република Албанија, кои учат на македонски јазик.
Наставничката Гордана Стојаноска заедно со нејзините ученици од Основното училиште „Климент Охридски“ од Прилеп ја подготвувала хуманитарната акција неколку месеци. Со нејзините третоодделенци направиле работилница. Нацртале прекрасни цртежи. Но, тоа не било доволно за да заработат и пари.
Конфекциска фирма која изработува постелнини ги пренела детските цртежи на перничињата кои за кратко време се продале. Собрале средства за да ги купат потребните материјали, кои наскоро ќе ги однесат во Пустец.



Горан Ѓоргоноски, маркетинг-менаџер на КМГ Спорт, агенција која долги години наназад стои зад сите проекти на нашиот најдобар спортист Кирил Лазаров, ни објасни како ќе биде организиран фудбалскиот камп на „Реал Мадрид“ во Македонија, што сè ќе научат децата, зошто треба да создаваме спортски здраво едуцирани деца, зошто е добро да се натпреваруваат...
- Професионализмот кој е императив за работата на КМГ Спорт агенција и одлично сработените задачи поврзани со името на Кирил Лазаров беа најсилната причина поради која ја добивме понудата за организација на фудбалскиот камп со најголема репутација во светот. Лиценцираниот партнер на Фондацијата „Реал Мадрид“, компанијата „Спорт Арена“, поточно нејзиниот прв човек Влатко Тодев, ова лето на четвртиот камп на капитенот нè посети во Охрид со цел да ни ја довери организацијата на Real Madrid Campus Experience Macedoniа - ни откри Ѓоргоноски во интервјуто.


Горан Ѓоргоновски

Направивме интервју и со кавадарчанецот Мартин Стоев кој „скокнал“ една година од средното образование бидејќи сака предизвици. Тој во моментов е на магистратура на насоката Логика и алгоритми на Факултетoт по математика и информатика на Софискиот универзитет.



- Јас сум еден од малкутемина што мислат дека практичната настава не е важен дел од суштината на еден предмет во едно техничко средно образование, а уште помалку на универзитетски студии, сепак, има исклучоци. Го делам ова мислење затоа што средното образование треба да е место каде што еден ученик ќе може да се запознае со различни сфери, да погледне на истите проблеми од различни агли, а и малку да се запознае со тоа што сѐ е возможно. Овие цели не може да се постигнат ако за сите области се спроведува практична настава. По завршувањето може да се избере нешто со потесен круг и да се продолжат истражувањата – вели Стоев во интервјуто.

Минатата недела истражувавме и зошто на некои факултети на УКИМ немало вработување и повеќе од десет години. „УКИМ старее, нема кој да го подмлади“, ни коментираа декани и професори.
Емиљ Сулејмани, декан на Педагошкиот факултет во Скопје, ни откри дека цели 15 години немале вработување, а побарале многу пати, и порано, и сега.
- Ниту еден професор нема асистент. Сите асистенти што порано работеа сега се професори, вонредни, редовни и оттогаш сме немале никакво вработување, односно подмладок кој е потребен. Некој треба да ги води студентите до училиштата, градинките, некој на тие студенти треба да им биде ментор итн. Јас сум декан и држам предавања, часови, испити, вежби. Имам 15 часа неделно и немам асистент - рече Сулејмани.
- Имаме насушна потреба од 5 вработувања бидејќи на 5 катедри практично „чекаат“ магистрирани кандидати, кои низ годините биле ангажирани од одредени професори за работа на проекти – ни откри деканот на Шумарски факултет Кирил Сотировски.



Студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ почнаа да ja китат елката во холот со своите новогодишни желби. Секој што ќе помине, застанува, ги чита пораките. Се смеат и студентите и професорите. Повеќето од желбите на студентите се поврзани со успех за студиите, но има и понекоја љубовна желба и, секако, сатирични коментари.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот