X
 27.05.2020 Наша тема

Ректорски избори на УКИМ – што пишува во Статутот и во Законот за високо образование?

Поради Законот за високо образование и измените во Статутот на УКИМ, донесени во 2018 година, ректорските избори првпат се спроведуваат во согласност со новата легислатива

Ректорските избори на најголемиот универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, деновиве предизвикаа многу полемики во врвот на актуелното раководство. Актуелниот ректор има еден став, проректорите заземаат поинаков став, а поддршка им даде и Независниот академски синдикат.



Поради Законот за високо образование, донесен во 2018 година, ректорските избори првпат се спроведуваат во согласност со новиот Закон. Тука е Статутот на УКИМ, чии измени беа изгласани во јуни 2018 година. Според овие два документа, ректорските избори треба да се спроведат. Пренесуваме дел од процедурите што мора да се почитуваат.

Што налага Законот за високо образование

Според Закон за високо образование (член 97), ректорот е раководен орган, кој го претставува и застапува универзитетот во земјата и во странство. Тој се избира од редот на редовните професори со објавување јавен оглас, има мандат од три години, со право на уште на еден избор. Ректорот се избира на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците. Сенатот формира Универзитетска изборна комисија (УИК) составена од седум сенатори, која ја цени исполнетоста на условите за избор на ректор и уредноста на пријавата, ја утврдува листата со кандидати на ректор и ги сумира резултатите од гласањето за избор на ректор. Секој кандидат за ректор може да овласти набљудувачи на работата на УИК.

Наставно-научниот, научниот или наставничкиот совет на единицата избира петчлена комисија која го спроведува гласањето на единицата на универзитетот. Секој кандидат за ректор може да овласти набљудувачи на процесот на гласање на секоја единица на универзитетот. Гласањето за ректор се спроведува во ист ден во периодот од 12 до 14 часот на сите единици на универзитетот.

По завршувањето на гласањето се утврдуваат резултатите од гласањето. Освоениот број гласови на секој кандидат на секоја единица посебно се изразува во проценти од вкупниот број важечки гласови на единицата и се множи со бројот на сенаторите кои ги избира единицата. Така се добива бројот на поени што ги освоил секој од кандидатите. Резултатите од гласањето се испраќаат до УИК во рок од два часа од завршувањето на гласањето.



УИК ги сумира резултатите од гласањето на сите единици на универзитетот. За ректор е избран кандидатот кој добил најголем број поени на ниво на универзитет, односно чиј збир на поени е најголем откако за секој кандидат поединечно ќе се соберат поените што ги добил на секоја единица посебно. Постапката за избор на ректор подетално се уредува со статутот на универзитетот. Со Законот се уредени мандатот, надлежностите на ректорот, неговите должности и одговорност за законитоста и статутарноста.

Што пишува во статутот на УКИМ

Во член 170 од Статутот на УКИМ пишува дека ректорот е раководен орган, неговите надлежности се утврдени со Закон, со Статутот и со актите на универзитетот. Ректорот се избира за време од три години, со право на уште на еден избор.

Веќе во следниот член (171) детаљно е објаснета постапката за избор на ректор. Постапката за избор ја покренува Ректорската управа во втората половина на месец април во тековната година, односно шест месеци пред истекот на мандатот. Постапката за избор на ректор треба да заврши до 15 јули тековната година. Доколку изборот на ректор не заврши во тој рок, изборот се врши најдоцна до 15 септември тековната година.

Како се формира Универзитетска изборна комисија

Ректорската управа донесува одлука за објавување јавен оглас за избор на ректор. Огласот треба да содржи: општи услови; посебен услов – да е од редот на редовните професори; времетраење на огласот. Кандидатите за ректор поднесуваат пријава со програма за работа, биографски и библиографски податоци. Огласот се објавува по формирањето на УИК, на веб-страницата на Универзитетот и во два печатени медиума.

Според член 174 од Статутот на УКИМ, Сенатот, во втората половина на месец април, односно шест месеци пред истекот на мандатот, формира УИК за избор на ректор. Комисијата ја сочинуваат седум сенатори, избрани со тајно гласање. Право да предложи член на УИК има секој член на Сенатот. Доколку во првиот круг не се избере УИК, гласањето се повторува, така што во секој нареден круг отпаѓа лицето што добило најмал број на гласови. Ако предложените членови не го добијат потребното мнозинство гласови, постапката се повторува со предлагање на друго/други лица за УИК.


Секој кандидат за ректор може да овласти набљудувачи на работата на УИК. Ова тело, освен надлежностите утврдени со Законот за високото образование, ја утврдува временска рамка за спроведување на потребните дејства за избор на ректор, утврдува рокови во кои треба да се формираат изборните комисии на единиците, го одредува денот на гласање, именува членови на изборна комисија доколку единицата во утврдениот рок не формира изборна комисија, го утврдува изгледот на гласачкото ливче, одлучува по приговори и сл. На крај таа го прогласува избраниот кандидат за ректор, врз основа на резултатите од гласањето.

Како се пријавуваат кандидатите за ректор?

Откако ќе се формира УИК, наставно-научните и научните совети формираат изборни комисии на единиците од пет члена кои го спроведуваат гласањето на единиците. Изборните комисии се формираат во роковите што претходно ги утврдила УИК.



Кандидатите за ректор ги доставуваат пријавите со потребната документација до УИК. Таа, пак, со решение ги отфрла пријавите на кандидатите што не ја доставиле вкупната документација која се бара со огласот и пријавите на кандидатите што не ги исполнуваат општите услови наведени во огласот. Потоа комисијата со решение ја утврдува листата со кандидати за ректор, по азбучен ред, која ја доставува до кандидатите за ректор, деканите, односно директорите на единиците.

Отфрлените кандидати имаат право на приговор до УИК во рок од 3 дена од приемот на решението дека се отфрлени или одбиени.

Гласање

Според Статутот, гласањето за ректор се спроведува во ист ден во периодот од 12 до 14 часот на сите единици на Универзитетот. УИК го утврдува денот за гласањето, кое е тајно. Ректорот се избира на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците. По завршувањето на гласањето се утврдуваат резултатите. Освоениот број гласови на секој кандидат на секоја единица посебно се изразува во проценти од вкупниот број важечки гласови на единицата и се множи со бројот на сенаторите кои ги избира единицата. Така се добива бројот на поени што ги освоил секој од кандидатите. Резултатите од гласањето се испраќаат до УИК во рок од 2 часа од завршувањето на гласањето. УИК ги сумира резултатите од гласањето на сите единици на Универзитетот, при што за ректор е избран кандидатот кој добил најголем број поени на ниво на универзитет, односно чиј збир на поени е најголем откако за секој кандидат поединечно ќе се соберат поените добиени на секоја единица посебно.

Приговори

Записникот и одлуката за утврдување на избран кандидат за ректор се доставуваат до пријавените кандидати за ректор во рок од 24 часа од спроведеното гласање. Тоа е во согласност со Статутот на УКИМ, според упатството што го донесува УИК.
Незадоволниот кандидат има право на приговор на записникот, кој мора да се поднесе до УИК во рок од три ден од приемот на актите. Како основи за приговор се наведени: повреди на спроведената постапка на единицата; утврдените резултати од гласањето на единицата; утврдените резултати од гласањето од страна на УИК.

Ако УИК усвои приговор, по правило, гласањето на единицата се повторува, доколку може да влијае на изборниот резултат. УИК одлучува со решение во рок од три дена сметано од наредниот ден од денот кога истекол последниот ден за поднесување приговор. Таа донесува решение со кое: се усвојува приговорот, претходното решение се поништува и се донесува ново решение; се одбива приговорот и претходното решение се потврдува. Решението на УИК е конечно и против него може да се поднесе тужба до Управниот суд. Решението се доставува до кандидатите за ректор.

В.Д. ректор


Ако за ректор се кандидира само едно лице, се смета избрано за ректор доколку за него гласале над 50% од вкупниот број важечки гласови. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, се спроведува нова постапка за избор. Ако на повторната постапка не се избере ректор до 15 септември во тековната година, Сенатот избира ректор од редот на своите членови – редовни професори, со мандат до шест месеци, односно до изборот на новиот ректор.



Според Статутот на УКИМ, на вршителот на должноста ректор му мирува функцијата член на Сенатот. Едно лице може да биде избрано за в.д. ректор само еднаш. Вршител на должноста ректор предлагаат членовите на Сенатот, а за избор е потребно присуство на 2/3 од вкупниот број членови на Сенатот, така што избрано е лицето што добило мнозинство гласови од присутните членови на Сенатот. Ако при првото гласање, кандидатите за в.д. ректор не го добијат потребното мнозинство гласови за избор, гласањето се повторува сè додека не се избере в.д. ректор. При секое гласање отпаѓа кандидатот кој добил најмал број гласови. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство, постапката се повторува со предлагање на друг кандидат, односно кандидати за вршител на должноста ректор.

Кога новиот ректор стапува на должност

Во Статутот на УКИМ пишува дека ректорот, по правило, стапува на должност на почетокот на учебната година. На денот на стапувањето на должност на новоизбраниот ректор, примопредавањето на должноста се врши на свечен начин.
На ректорот функцијата му престанува и пред истекот на мандатот ако тоа сам го побара; ако трајно ја загуби способноста за вршење на должноста ректор; ако ги исполни условите за старосна пензија или ако биде разрешен од должноста пред истекот на мандатот.
Ректорот е должен еднаш во годината, до Сенатот, Универзитетскиот совет и до основачот, да поднесува извештај за својата работа и за работата на Универзитетот, во кој е содржан и финансиски извештај. Ако Сенатот не го прифати извештајот, се поведува постапка за разрешување на ректорот. Во овој случај Сенатот ја известува Ректорската управа дека е покрената постапка за разрешување на ректорот. Тогаш Ректорската управа во рок од 15 дена ги известува единиците, кои пак во рок најдоцна од 30 дена се изјаснуваат „за“ или „против“ разрешување на ректорот.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема