Додека го читате ова, нека ве следи звукот на нејот:
Сте слушнале за суфизам!? Исламски мистицизам за кој нема да ви објаснувам многу тука, туку ќе оставам оваа книга да ви ја разбуди љубопитноста. Елла, 40 годишна Еврејка која живее во Америка, како помошен уредник во една издавачка ќука, во еден критичен период од својот живот наидува на книгата од А.З. Захара, непознат писател кој како тема на неговата книга ја објаснува суфиската филозофија. Почнуваме со Елла а продолжуваме со Шемс-и Тебризи и Руми и цело време патуваме низ приказните на овие ликови, патуваме од 21-и век во 13-ти, и обратно. Книга во книга!
„Или си во средината на љубовта, во центарот, или си надвор од неа, во копнежот“ вика Елиф Шафак. Љубовта, во мирниот живот на Елла падна како одеднаш фрлено камче во езеро и ја растури. Оваа книга ќе ве тера да ја барате вистинската љубов, да патувате длабоко во себе, да го слушнете гласот на срцето, да ги видите сите форми на љубовта и да се прочистувате а на крај да одлучите како ќе продолжувате со животот, како што направи и Елла.
Расплетот на оваа книга ќе ви отвори нови хоризонти за тоа што е догма, што е љубов и каква е и кон кого може да биде. Крајот ќе ве изненади и по последната реченица ќе сакате уште да продолжи. Ќе бидете сведоци на тоа како Елиф Шафак без препрека ги поврзува случките и личностите кои што се неспоиви.
Секое поглавје во оваа книга почнува со иста буква „Б“ исто како и најпознатото дело „Месневи“ на Мевлана Џелаледдин-и Руми еден од најпознатите суфисти на сите времиња. Првиот збор на „Месневи“ е „Бишнев“ што значи „Слушај!“. Оставам на вас да го најдете значењето на буквата „Б“ и мистеријата зошто секое поглавје почнува со неа.
„AŞK“ или „40 правила на љубовта“ е книгата што ги содржи сите гореспоменати ликови, поими и мистерии во себе. А каде се правилата? Еве ви за крај и едно правило, правило 20: Да се мисли до каде ќе нé води патот е залуден обид. Ти си задолжен да го смислиш само првиот чекор што ќе го направиш. Останатото ионака само по себе ќе си дојде. Така и вие кои што го читате ова, не мислете дали ќе ви се допадне книгата или не туку направете го првиот чекор, и почнете да ја читате и сé ќе ви стане јасно.
Хајал Ајдарче