X
 23.07.2015 Политика

Микронацијата меѓу Хрватска и Србија

Либерланд, односно Слободната Република Либерланд сака да биде самостојна држава. Таа била основана на 13 април од Вит Једличка од Чешка и негови двајца колеги. Површината на државата изнесува седум квадратни километри. „Блумберг“ направи анализа на оваа микронација.


Каде се наоѓа?

Либерланд се наоѓа меѓу Хрватска и Србија. Според основачите, подрачјето не се наоѓа ниту во Хрватска ниту во Србија. Кога поранешната Југославија се поделила на повеќе држави, овој мал дел останал заборавен и се смета за ничија земја.

Што е микронација?

Микронација е ентитет кој тврди дека е независна држава, но не е службено признаен од страна на светските влади и големите меѓународни организации.

Кој е на чело?

Моменталниот претседател е политичарот Вит Једличка (31). Тој бил избран за претседател од страна на другите двајца основачи, од кои еден е неговата девојка.

Зошто е основана земјата?

Според основачите, целта е да се создаде земја во која чесните луѓе може да напредуваат без да ѝ пречат на владата.

Нема да има даноци

Сите даноци ќе бидат доброволни, а јавните услуги ќе бидат водени од приватни компании или финансиски кампањи.

Која е целта на Либерланд?

Едноставно, земјата сака да биде признаена од останатите држави за да стане „европскиот Сингапур“.

Кој живее таму?

Засега никој не живее таму. Хрватската гранична полиција ги апси сите кои стапнуваат во Либерланд.

Што доколку биде признаена?

Либерланд веќе добила 400 илјади барања за државјанство, но само 45 илјади од нив се сметаат за сериозни. Овие луѓе би можеле да бидат државјани на Либерланд доколку биде признаена, иако сите нема да живеат таму.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика