X
 10.08.2015 Култура

Иселениците откриваат: Зошто младите бегаат од Македонија?

Повеќе од 10.000 Македонци ја напуштиле земјава за подобра иднина само изминатата година. Поголемиот дел од нив побарале азил во Германија, Франција и Шведска, но се бега секаде. Европската комисија неодамна ги објави официјалните податоци за азилантите од Балканот. Она што беше заклучено од страна на Европската унија е дека од Балканот се бега повеќе отколку од Сирија

Македонија не се издвојува од трендот, а за жал, ова не е ниту новост. Се проценува дека во последните 15 години од Македонија се иселиле приближно 250.000 луѓе. Тоа е приближно една осмина од македонското население. 


Зошто Македонците се селат од Македонија?

Според изјавите на повеќе македонски иселеници низ светот на возраст од 20 до 35 години, најчестата причина за азил се поголемите можности за професионален и приватен развој.

„Од секогаш знаев дека еден ден, порано или покасно ќе си заминам од Македонија. Не е бидејќи не ја сакам државата туку затоа што немам прилика да бидам и да правам тоа што посакувам, а и да го правам нема да заработувам приближно до тоа што треба. Тешко е да се живее во држава со македонско државјанство, немаме никакви бенифиции, но подобро тука отколку дома“, вели иселеничка.

На прашањето: „Зошто си замина од Македонија?“ друга иселеничка вели дека е „разочарана од Македонија и неможноста младите луѓе да се реализираат како приватно така и професионално“.

Некои иселеници заминале од Македонија поради финансиите.

„Заминав на брод заради повисока плата и повеќе почит од менаџментот“, вели еден Македонец кој работи на брод повеќе години.


За некои, причината е професијата.

„Не постои работно место во Македонија за мојата професија“, вели иселеник.

Покрај подобрите услови во работата и поголемите можности, некои иселеници за главна причина за иселување ги наведуваат личните желби за авантура.

„Веќе една година живеам и работам во Њујорк Сити, градот што отсекогаш ме влечеше. Секогаш инспиративен, разнолик, дава позитевн вајб во секој момент. Одлучив да се преселам од Македонија, не толку поради економската ситуација, колку што Големото Јаболко ме влечеше. По природа сум авантурист, сакам нови места, сакам да екпериментирам, сакам да стекнувам нови познанства. Њујорк е динамичен, таков сум и јас. Но, секако дека животот почнат во нова земја, не е лесен, огромен е шокот, нови правила, треба време и трпение. Друго е кога посетуваме некој град туристички, сосем поразлично кога сакаме да се стационираме таму на подолг временски период“, вели еден македонски иселеник кој живее во Њујорк.

Дали би се вратиле во Македонија?

На ова прашање повеќето одговараат негативно.

„Не. Затоа што сум премногу навикната на друг начин на живот и повеќе сум ценета тука отколку што сум некогаш била дома. Во последните 5 години од мојот живот научив многу, и не би можела да се вратам назад на нешто што најверојатно би ме ставило во длабока депресија“, вели иселеничка.

Повторно, најчестата причина се подобрите услови.

„Не, бидејќи иако сум надвор од Македонија, секоја една држава ми нуди подобри услови за живот и градење на иднина, финансиска стабилност и што е најбитно, сигурност и чувство на безбедност“, ни пишува иселеник.


Друг македонски иселеник како причина за останување надвор од Македонија ги наведува „животниот стандард, ниво на култура, економска ситуација, кариера“.

Мал дел од иселениците со кои разговаравме би се вратиле, но под услов. „Да, но доколку се сменат многу работи“, вели иселеничка.

Некои, пак, би се вратиле накратко, но не и за трајно: „Не можам да кажам дека не би се вратил. Таму ми е се', почнувајќи од мојата фамилија, школските другари, пријателите, моето маало, локалниот кафиќ, Тетово, Дојран.... Македонија не е владата, парламентот, партиите. За жал, некои работи се погрешно водени, дали намерно или не. Сега за сега, не планирам да се враќам. Доволно ми е само да си ги освежам спомените на барем 2-3 недели годишно!“


Дали вие би заминале од Македонија и зошто?

Дали осмината за 15 години има потенцијал да стане четвртина во следните 5 години?


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура