X
 25.08.2015 Живот

Водич за новите дипломци - хонорарска или постојана работа?

Некогаш, само музичарите и моделите добиваа хонорари за извршената работа. Тие денови одамна се завршени. Сè повеќе луѓе одлучуваат да имаат хонорарна работа наместо класичната работа со работно време од 9 до 5. Благодарејќи на модерната технологија, денес може да се работи хонорарно во повеќе индустрии и од речиси секое место на Земјата. Економијата на хонорарците експлодира низ светот, а новите дипломци се пред избор: хонорарна или постојана работа? Пред да се одлучите, разгледајте го секој аспект со реални очи.


Поволности на полно работно време

Хонорарната работа нуди флексибилно работно време. Освен тоа, немате некој над вас, туку работите сами. Меѓутоа, еден од најголемите плусеви на полното работно време се поволностите кои ги нудат работодавците, како здравствено осигурување, слободни денови, платен одмор итн. Хонорарците самите ги покриваат овие трошоци. Исто така, тие сами се одговорни за плаќање на данокот, а доколку сакате пензија, мора да размислувате како ќе ја добиете самите.

Флексибилност или сигурност?

За некои, работата на истата работна маса секој ден со часови е пекол. За други, таквата работа претставува сигурност. Хонорарците навистина уживаат во слободата, но тука е и проблемот. Кога хонорарецот нема работа, тој/таа мора да ја бара сам/а. Со големиот број хонорарци, особено на интернет, хонорарите се многу ниски, а конкуренцијата е огромна. Затоа, хонорарната работа може да биде ризична.

Хонорар или плата?

Една од најдобрите страни на традиционалната работа е фактот дека добивате плата на одредениот датум секој месец, без разлика што ви се случи. Ова не е така во хонорарниот свет. Како хонорарец, добивате онолку колку што ќе изработите, што претходно треба да го најдете и добиете. Никогаш не може да бидете сигурни дека ќе имате доволно пари за живот наредниот месец.

Фактор осаменост

Хонорарната работа е осамена професија. Тука нема социјална интеракција и врева од канцеларија и немате колеги со кои може да разговарате на пауза. Компјутерот станува најдобриот пријател на хонорарецот. Секако, доколку сте интровертна личност која сака да седи пред компјутерот наместо да разговара со колеги, ова е добра страна за вас.

Конечно, изборот останува на вас. Доколку повикот за самостојна работа и ризик е прегласен за да се игнорира, нема потреба од двоумење и размислување.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот