X
 04.02.2016 Образование

Како заеднички да го запреме одливот на мозоци од Македонија?

Денес во МАНУ се одржа дебата на тема „Актуелните предизвици на процесот на иселување на високообразувани млади луѓе од Република Македонија“. На дебатата беа поканети студенти, професори, професионалци и директори.


Аница Драговиќ, продекан на Филозофски факултет беше првиот говорник на дебатата. Трендот на отселување започнал на средината на изминатиот век и се зголемува и овој тренд секогаш бил присутен кај младите лица, посочи професорката Драговиќ. На отселувањето на младите луѓе од Македонија професорката не гледа како на негативен феномен.

„Според моите сознанија, размисли и тези коишто се третираат во литературата којашто се занимава со овој проблем сè повеќе и повеќе во еден глобален свет миграциите се гледаат во позитивна конотација“, изјави таа.




Таа додаде дека миграциите не можат да се сопрат, но позитивните аспекти се гледаат во контекст на развојот на помалку развиените средини. Таа позитивна конотација се однесува на знаењето и искуството на луѓето коишто се отселиле.

„Нивното знаење и искуство не смееме да го заборавиме и не смееме да не го искористиме“, вели таа.

Во рамки на ова, таа побара поголема улога на државата.

На дебатата говореше и Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија. За време на дебатата, Поповски изјави дека над 50% од невработените лица во Македонија се млади до 29-годишна возраст, а од оние кои се пријавуваат во агенцијата, 37% се млади до 29-годишна возраст.


Поповски извести за мерките кои ги презема агенцијата за подобрување на вработеноста, особено кај младите. Меѓу овие мерки се полагањата за сертификати од областа на технологијата, кои се воведени од 2010 година. Според податоците, поголемиот дел од невработените кои ги полагале овие тестови сега работат. На прашањето зошто се нудат обуки само во областа на технологијата, а другите насоки се занемарени, Поповски изјави дека Агенцијата одговара на потребите на пазарот.

Како најголем проблем за невработеноста Поповски го посочи недостатокот на пракса. Тој најави и нови можности за пракса и вработување во нови компании кои ќе бидат отворени во земјата. Поповски изјави дека во проектот за самовработување грантовите се зголемени од 3.000 на 5.000 евра, а извести и за можноста за отворање заеднички бизнис од страна на тим од 5 лица. Новите компании кои доаѓаат на пазарот, според Поповски, се разликуваат од претходните инвеститори во поглед на висината на платата.

„Овој странски прилив на инвестиции ги мотивираше домашните компании да почнат да се борат на пазарот на трудот и да нудат соодветни работни места за оние што имаат соодветно образование и знаење“, рече Поповски.

Проф. д-р Диана Белевска, др.сци. клинички психолог го изнесе својот став за иселувањето на младите. Белевска ги охрабри младите да одат на студии или практична работа во странство, но да се вратат дома со собраните знаење и вештини бидејќи само во матичната земја може да го применат тоа најдобро.


Присутен беше и Стефан Андоновски, студент кој студирал во САД со помош на стипендија од владата. Тој, врз основа на сопственото искуство, ги советуваше младите да размислуваат иновативно и да создаваат иднина во Македонија.

На дебатата беа присутни многу студенти кои поставуваа прашања до говорниците. Дел од нив беа незадоволни од условите на студирање и работата на Агенцијата за вработување, додека дел се согласуваа со говорниците, делумно или целосно.







Претседателот на Центарот за европски иницијативи, Христијан Конески извести за истражување на кое ќе се работи во иднина.

„Овој настан е организиран за да се направи еден постулат за понатамошно истражување. Центарот за европски иницијативи, која е новооснована организација минатата година, сака да ги постави младите во фокусот, да ги извлече сите поенти за понатамошни истражувања и препораки кои ќе следуваат, се надевам, оваа година, каде конечно би истражиле на територијата на Република Македонија колку млади навистина се иселуваат и зошто не остануваат, а оние кои остануваат зошто остануваат, за на крај да би креирале едни иновативни политики кои со поддршка на државните институции би се имплементирале“, изјави Конески за медиумите.

Конечно, Влатко Поповски најави многу нови вработувања во блиска иднина благодарејќи на нови инвестиции, најмногу во техничките науки.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование