Две години тренирав секојдневно бокс за да станам еден од деветтемина што го претставуваат универзитетот на турнирот против „Оксфорд“, кој се одржа 112. година по ред. Патем, секако дека ние победивме и моменталниот резултат е 56-56, се смее Тасев и објаснува колку се важни воншколските активности на студентите на реномираниот универзитет
Јован (во средина) заедно со колеги од Математичкиот факултет
Јован Тасев од Скопје пред неколку месеци магистрира на Математичкиот факултет на колеџот „Хомертон“, кој му припаѓа на славниот универзитет „Кембриџ“. Тој е еден од ретките Македонци на кои му успеало тоа. Средношколец од „Јахја Кемал“, вљубен во математиката и знаењето, Јован со читателите на Факултети.мк споделува како изгледа да се студира на четвртиот најстар универзитет во светот и трет најдобар на актуелната
Шангајска листа.
Какво искуство беше студирањето на Универзитетот „Кембриџ“? Што најмногу Ве импресионира на овој универзитет?
- Иако минативе четири години ми минаа во еден миг, не мислам дека можам да ги опфатам со еден збор. Кристално јасно се сеќавам на првиот час кога збунет седев во амфитеатарот додека професорот набрзина го минуваше сето мое дотогашно знаење на тема диференцијални равенки и почна со нов материјал. Веднаш ми стана јасно дека оваа „авантура“ ќе биде во друга лига од средно и дека големи заложби и мноогу задачи не ми бегаат.
Со своето семејство на врачувањето на дипломите
Студирањето е дефинитивно напорно. Тоа што го одвојува „Кембриџ“ од многу други универзитети се трите кратки семестри во кои студентите се бомбардирани со материјал за учење кој потоа генерално сами го совладуваат. Речиси за секој предмет се среќавав со асистент по еден час на две седмици за да ми ги прегледа решенијата и да ми го разјасни тоа што не ми е сосема јасно. Оваа доза на самостојност ги изнудува сите успешни студенти да развијат вештини за менаџирање на времето.
Колегите што го имаа поминато англискиот систем на образование веќе беа навикнати на секојдневно, непрекинато учење по околу 50-60 часа неделно. Секако, кога човек ќе сфати дека нема бегање од милионот задачи, се навикнува. Големо задоволство причинува наоѓањето решение на тешка задача, исто како и надминување на која било пречка. Дури и во Скопје, кога сум излезен, неретко ми се случува да ми лутаат мислите со часови на некоја задача што ме мачи – веројатно треба да им се заблагодарам на другарите што уште ме викаат на кафе.
Инаку, математиката е меѓу најстарите предмети што се изучуваат на „Кембриџ“ со векови – на еден час ни покажаа испит што го полагале студенти од 1830 година. Ова е голем мотивационен фактор за сите. Јас се чувствував почестен да бидам дел од вековната традиција и се трудев од година на година постојано да се подобрувам.
Сепак, изненадувачки е колку голема улога играат воншколските активности - речиси сите студенти се занимаваат со работи како драма, спорт или студентски организации за социјална правда, што мислам дека не е случај во Македонија. Постојат клубови за сите можни спортови во кои студенти од различни нивоа на искуство се добредојдени - од лежерно фрлање фризби до олимписки веслачи. Особен впечаток ми остави бројот на студенти во мојот студентски дом што се занимаваат со организирање и глумење во драми.
Тасев (втор горе) бил дел од бокс-клубот на „Кембриџ“ и го победиле „Оксфорд“
Мене конкретно ме заинтригираа традицијата, посветеноста и предизвикот што ги носи бокс-клубот во „Кембриџ“. Компетитивноста и стремежот кон совршенство од образованието често се пренесуваат и во воншколските активности. Затоа, две години тренирав секојдневно за да бидам избран како еден од деветтемина што го претставуваат универзитетот на годишниот турнир против „Оксфорд“, кој се одржа 112. година по ред. Патем, секако дека ние победивме и моменталниот резултат е 56-56.
Дали се чувствувавте како дома, во смисла на прифаќање од средината?
- Само дома си е дома. Се чувствував како во нова дома, ако може така да се изразам. Кембриџ е меѓу најмешовитите градови во Англија, а универзитетот е секако интернационален – запознав луѓе од секаде. Природно, особено се дружев со колегите математичари од мојот студентски дом. Заедно во прва година, благодарение на лоша процена за време, останувавме по цела ноќ во библиотека за да не го промашиме дадениот рок во 9 часот наредното утро. На Математичкиот факултет има неочекувано многу луѓе од Источна Европа и очекувано многу од Југоисточна Азија. За жал, за време на четирите години не сретнав ниеден друг Македонец на додипломски студии, иако редовно одев на македонско-српски вечери. Срби, од друга страна, има многу – природните науки им се многу јака страна во Математичката гимназија во Белград и оттаму редовно се запишуваат на математика, физика или инженерство на „Кембриџ“. Интересно, најблискиот другар ми беше од Ирска – мислам дека тој по менталитет беше посличен на нас дури и од луѓето од другите источноевропски земји. Како потсетник од дома обично секој семестар си носев и нешта како сирење и ајвар, ама најчесто другарите и соседите успеваа да ги изедат.
Јован Тасев со својата генерација дипломци на Математичкиот факултет
Градот инаку не е голем, возејќи се на велосипед наоколу, го научив речиси целиот. Историскиот центар е преполн со восхитувачка архитектура, секојпат, особено во прва година, кога ќе поминев таму подзапирав да разгледам нешто ново. Искрено, улиците што ги минував секојдневно и локалното „Теско“ каде што пазарев редовно ми прираснаа при срце. Од друга страна, почнав и многу да го ценам секој миг минат на сонце во Скопје, а особена топлина ми буди Ново Лисиче, каде што пораснав.
Сѐ на сѐ, би рекол дека барем на „Кембриџ“ средината си ја создаваш сам. Има толку многу работи за правење во слободно време и толку различни луѓе што не е тешко да најдеш луѓе и хоби што ти одговараат.
Кое е Вашето поле на интерес од областа на математиката, со оглед на тоа дека таму завршивте и магистерски студии?
- Најмногу ме привлекува финансиската математика и веројатноста, полиња кои се тесно поврзани меѓу себе. Тоа што ми се допаѓа тука е идеалната мешавина од применлива математика, која врвни финансиски компании ја користат секојдневно, заедно со ригорозноста и прецизноста на чиста математика. На пример, за време на магистерските студии слушав предмети како стохастичен калкулус, напредна веројатност и напредни финансиски модели. Напредни финансиски модели се занимава со моделирање и ценење на разни предмети тргувани на берза, а стохастичен калкулус се занимава со проучување случајни процеси и особено интеграли поврзани со нив.
Сепак, системот на додипломски и магистерски студии на „Кембриџ“ ми овозможи да се стекнам со широка основа од сите полиња на математиката. Во прва година сите предмети се задолжителни (па некогаш бев заглавен со нешта што отпрвин воопшто не ги разбирав), а секоја од наредните три има сѐ поголема слобода во изборот на предмети. Па така, низ годините, покрај веројатност, слушав и разни предмети од чиста математика, како комбинаторика, теорија на графови и теорија на Галоа (која докажува дека равенка од петти степен нема формула за решение, многу интересно).
Какво искуство беше средното „Јахја Кемал“ и колку тоа Ви помогна за да стигнете до светски универзитет како „Кембриџ“?
- Училиштето „Јахја Кемал“ многу ми помогна за да се запишам на „Кембриџ“, најпрво бидејќи го препозна мојот потенцијал за математика. На државниот натпревар во осмо одделение освоив прво место и веднаш ми пристапи мојот иден професор по математика од „Кемал“ и беше искрено заинтересиран за моите пристапи кон задачите. Во „Кемал“ постои култура за одење на натпревари и олимпијади и училиштето прави сѐ што е во негова моќ за да им помогне на учениците да постигнат добри резултати. Тоа уште веднаш ми го кажа професорот и навистина се покажа така. До крајот на моето средно образование ја имав претставувано Македонија на две светски олимпијади по математика во Јужноафриканската Република и во Колумбија и на две балкански олимпијади.
Јован Тасев
Овие достигнувања ме истакнаа помеѓу илјадниците апликанти на „Кембриџ“ и ми помогнаа да добијам интервју и понуда за студирање таму. На овие меѓународни олимпијади мнозинството од нашата репрезентација доаѓа токму од „Кемал“. Ова се должи на организираните воннаставни часови по „натпреварувачка“ математика, на кои се изучуваат теми што ги има на напредни олимпијади, но не и во редовна настава.
Покрај тоа, во „Јахја Кемал“ се сретнав со средина во која секој се труди да се докаже и да успее максимално, што многу ме мотивираше да напредувам. Многу важен е и тимскиот дух што го делевме со соучениците – заедничките подготовки за натпревари нѐ зближуваа и не се гледавме како соперници. Преку дружбата со постари ученици се запознавав со нивните амбиции околу изборот на факултет, па кога дојдов во четврта година, природно ми дојде да аплицирам и јас на најдобрите факултети во светски рамки. Затоа, би сакал да му се заблагодарам на училиштето и сѐ што ми овозможи.
Посета на колеги од Канада и од Ирска на Македонија
За крај само да кажам дека додека учев основно и средно, имав впечаток дека постои одбивност и страв од математика помеѓу учениците. Дури и јас мислев дека ќе студирам компјутерски науки сѐ до последен момент, но од денешна гледна точка, воопшто не се каам. Математиката е многу интересен предмет, полн со предизвици и се надевам дека наскоро ќе најде поголема побарувачка и примена во работната средина во Македонија.
Што по „Кембриџ“?
- Моментално сум во Скопје, малку се одмарам од математиката и се подготвувам за наредниот предизвик. Би сакал да се испробам во финансиски институции, како инвестициски банки, во Лондон, Амстердам или во Франкфурт. Додека да почнам со наредното поглавје од мојот живот, желба ми беше да вратам нешто назад во Македонија и образовниот систем преку кој стигнав до „Кембриџ“. Затоа, неколку часа неделно помагам со подготовки за натпревари по математика.