X
 28.12.2015 Образование

Интервју со Спиро Ристовски: "Личното образование придонесува за развој на државата"



Изминатиот период во јавноста беа актуелни неколку најави и случувања од областа на образованието. Беше најавено основање на нов државен универзитет, а започна и изградба на нови факултетски згради на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. За тоа, од каде потребата за шести по ред државен универзитет, што може да очекуваат сите учесници во воспитно-образовниот процес идната календарска година и каква беше изминатата, зборува Спиро Ристовски, актуелен заменик министер за Образование и наука во интервјуто за „Факултети.мк". .

Факултети.мк: Како ја оценувате годината што изминува, кога станува збор за ресорот образование во државата?

Ристовски: Во изминатите неколку години Владата на Република Македонија покажува сериозен пристап и прави силни напори за подигнување на квалитетот на образованието, како еден од најважните сегменти на македонското општество, како двигател на севкупниот државен просперитет, но и предуслов за развој на демократијата и социјалната правда. Така што, исклучително сум задоволен што и во 2015 година обезбедивме една константност и одржливост на реформските процеси и политики, притоа свесни, но и спремни дека можеби имплементацијата на некои од нив, независно што имаат европски предзнак или пак, некаде важат за позитивна пракса, ќе предизвикаат да загубиме дел од политичката поддршка. Но, тоа е резултат на нашата одлучност да делуваме долгорочно во интерес на граѓаните и да ги зголемуваме можностите за подобро образование, преку следење на позитивните образовни текови, трендови и процеси на глобалниот образовен простор.

Факултети.мк: Какви се` новини може да очекуваат средношколците, студентите, наставниците и професорите во следната календарска година?

Ристовски: Не би сакал ова интервју да добие политичка конотација, но морам да напоменам дека мојата матична политичка партија, на барање на опозицијата прифати предвремени парламентарни избори. Тоа значи дека на граѓаните ќе им биде понудена и нова програма, којашто се разбира, доколку повторно ја добиеме довербата од граѓаните ќе биде преточена во програма за работа на Владата. Таа програма, како и впрочем сите претходни, ќе биде изработена во директна комуникација со сите општествени групи. Практично, секој може да учествува со своја идеја, предлог или каква било сугестија за нешто да се воведе, промени, подобри во одреден ресор, вклучително и во образованието. Сите конструктивни предлози, за кои ќе се оцени дека се навистина неопходни, но и дека постои можност, простор и начин да се имплементираат, ќе се имплементираат. Но, независно од целиот овој политички процес, ние имаме обврска и грижа да обезбедиме еден континуитет на сето она што и досега било бенефит во сите образовни сегменти. Практично и понатаму, образованието до 18 годишна возраст ќе биде бесплатно, освен учениците отсега и студентите ќе имаат можност за бесплатен превоз, додека за учениците ќе обезбедиме бесплатна посета на кино проекции, театарски претстави, бесплатно возење со жичницата на Водно.

Ќе го заокружиме воведувањето на новите наставни програми на Кембриџ во основното образование, а паралелно како еден од приоритетите веќе започнавме и со процес на реформирање на четиригодишното средно стручно образование. Учениците мора да добијат нови наставни програми и стручни учебници. Ќе продолжи поддршката во делот на стипендирање ученици и студенти. Се разбира, интензивни ќе бидат и инфраструктурните инвестиции. На пример предвидена е изградба на најмалку шест нови училишни објекти и реконструкција на 15 други. Ќе започнеме со изградбата на нови 10 училишни спортски сали, а ќе ја довршиме започнатата изградба на други 10. Посебно ги издвојувам планираните инвестиции со кои значително ќе се унапредат условите за студирање и сместување на студентите. Имено, во тек е етапната реконструкција на најголемиот студентски дом во земјата “Гоце Делчев“, каде блокот Б е веќе целосно реконструиран, опремен и вселен, а во меѓувреме врз основа на изработено проектно решение за реконструкција на блок А, беше објавен тендер за избор на фирма изведувач и во тек е евалуација на пристигнатите понуди. Потоа ќе следи и реконструкција на блоковите В и Г, како и мензата и партерот. Исто така, отпочната е постапка за набавка на нови лифтови во сите студентски домови каде има лифтови и оваа работа ќе биде завршена во првата половина на 2016 година. Дополнително, Владата донесе одлука да започне и веќе е започната постапка за повеќегодишна набавка за замена на мебелот во сите студентски домови. Најважно, донесовме одлука за изградба на три целосно нови студентски домови. Два во Скопје, од кои за едниот, на место на поранешниот “Медицинар“ веќе има проект и наскоро ќе започне постапката за избор на фирма изведувач на работите. Вториот ќе се гради во близина на спортскиот центар “Борис Трајковски“ и третиот ќе се гради надвор од Скопје, практично за потребите на Државниот универзитет во Тетово. Ова значи дека во следните три-четири години македонските студенти, во најголем дел ќе добијат најсовремени услови за сместување со поддршка од државата.

Факултети.мк: Неодамна беше најавено основање на шести по ред државен универзитет во Македонија. Од каде потребата за уште една високообразовна институција?

Ристовски: Еден од нашите приоритети веќе подолг период е обезбедување на што е можно поголема достапност на високото образование. Затоа и отворивме два нови државни универзитети, 25 нови факултети, дисперзирани студии, драстично ја намаливме и унифициравме партиципацијата, воведовме проект за инклузија на повозрасните граѓани во високото образование, кои во минатото поради било какви причини не биле во можност да се запишат на факултет. Идејата е дека секој човек заслужува шанса за факултетска диплома. А до каде ќе стаса, зависи од него. Анализирајќи ги состојбите во високото образование, во соработка со академската фела, со наставно научната јавност, оценивме дека постои потреба, простор и можност за отворање на уште еден државен универзитет кој ќе биде профилиран исклучиво за продукција на кадри од техничките струки, односно кадар кој е дефицитарен и реалната потреба на пазарот на трудот постои, а е иницирана од ефективната државна политика за привлекување на странски директни инвестиции и отворањето на многу нови работни места. Тоа неминовно наметнува потреба за промовирање на стручното образование. Овој универзитет ќе даде свој значаен придонес во остварувањето на таа цел. Од друга страна, со оглед на тоа што ќе биде тријазичен, односно освен на македонски и албански, наставата ќе се изведува и на англиски јазик, македонскиот високо образовен систем ќе добие една сериозна интернационална димензија.

Факултети.мк: Изминатиот период се крена прашина откако започна изградбата на нови факултетски згради во кои ќе бидат сместени ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, на имотот на УКИМ. Зошто токму таму е одлучено да се градат овие објекти и дали сметате дека беа оправдани реакциите на поединци?

Ристовски: Објектите се градат таму каде што впрочем и припаѓаат. Во просторот кој им припаѓа на сите факултети и единици во состав на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“. И тие објекти се градат на барање на самите факултети, на деканските управи, на вработените и најважно на барање на самите студенти кои, за жал, едните се` уште немаат свои простории, додека другите студираат во супстандардни услови, во пост земјотресни бараки. Владата одлучи да излезе во пресрет на нивните барања и предвиде средства за нивна реализација. Но, тоа очигледно некому му пречи. Не би сакал никого да предизвикам со ова што ќе го споменам, но сепак, ми преостанува да констатирам дека веројатно сме и ќе останеме единствената земја во која некогаш се протестирало против изградбата на нови објекти за потребите на високо образовните установи и против подигнувањето на студентскиот стандард.

Факултети.мк: Во основното и во средното образование не постои професионална ориентација на учениците, која значи советување при избор на професија според желбите и вештините на секој ученик поединечно. Дали е во план конкретно на ова да се работи, бидејќи неопходно е младите да се следат и да се насочуваат уште во основното образование, како што тоа се прави во развиените држави?

Ристовски: Министерството за образование и наука во соработка со Агенцијата за вработување и УСАИД веќе обезбедуваат советодавна поддршка на учениците во делот на професионалната ориентација и кариерното насочување. Во моментов се вклучени средношколците во вкупно 53 училишта, каде имаме отворено кариерни центри во кои работат обучени кариерни советници, кои преку непосредна работа и со помош на посебен прашалник, веб апликација што ги мери професионалните интереси, работни вредности и афинитети, им помагаат на учениците заеднички да проценат кон што тежнее нивниот талент. Соодветно на тоа ги упатуваат на конкретно понатамошно образование, по чие завршување би биле на листата вработени. Се надевам дека со поддршка на локалните самоуправи, овој веќе добро изграден и одржлив систем за кариерно советување во иднина ќе ги опфати сите ученици, вклучувајќи ги и основците, затоа што во моментов преку пилотирање, опфатени се дел од основните училишта.

Факултети.мк: Поради развојот на технолошките процеси, во сите образовни системи во светот, последниве години како да се наметнува учењето за оценка, односно учење само за да се пројде на тест, а за сметка на тоа учењето за знаење како да изостанува. Од ова не сме имуни ниту ние како држава во која многу пари се вложуваат токму во ИКТ во сите нивоа на образование (основно, средно, високо). Има ли начин да се промени ваквата ситуација, да се врати учењето за стекнување знаења наместо за оценка?

Ристовски: Во секоја генерација има поединци кои учеле или учат само за да поминат и поединци кои навистина сакаат да научат и да го применат стекнатото знаење понатаму во животот, сметајќи дека тоа е најмноќното орудие за личен и професионален напредок. Од друга страна, работодавачите се во континуирана потрага по подготвен кадар, со доволни познавања на тоа што треба да го работат, за да немаат потреба дополнително да инвестираат во обуки, во тренинзи и слично. Така што, вистинското знаење, пазарот на трудот го исфрла на површина. Нa некој начин, постои природна селекција и сепарација на знаењето и незнаењето, на оние кои повеќе или помалку го поседуваат и на оние кои воопшто не го поседуваат. Во која група ќе се најде еден човек, најмногу зависи од неговата лична свест, совест, одговорност и начин на размислување. Сепак, спротивно на ставот од вашето прашање и независно од развојот и примената на технологијата во секојдневието, добивам впечаток дека во последно време кај македонските граѓани се зголемува перцепцијата за учењето, дека тоа е процес, а не дело и колку повеќе се вложува во личното знаење, толку побрзо и повеќе може да се ефектуира во сопствен успех, а со тоа и да се даде придонес кон успехот на државата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование