X
 15.01.2020 Наша тема

Интервју со Никола Митревски: Имаме малку време за тагување, нѐ чекаат нови натпревари

Со Митревски се сретнавме веднаш по изгубениот натпревар со Австрија. На неговото лице се чита разочарувањето, но со насмевка потенцира дека сѐ во животот е школо.

Најсветол момент на Европското првенство во ракомет беше победата на Македонија против Украина, за која најголем придонес имаше голманот Никола Митревски.
Неговите одбрани на тој меч го сместија во топ-10 голмани во првиот круг на првенството. Со Митревски се сретнавме веднаш по изгубениот натпревар со Австрија. На неговото лице се чита разочарувањето, но со насмевка потенцира дека сѐ во животот е школо.

- Таа ни беше единствена победа на ова првенство. Тешко извојувана. Мислам дека сите ние имаме придонес за таа победа, кој повеќе, кој помалку. Никогаш не сум издвојувал поединци, така што не би зборувал сега ни во победи ни во порази. Бидејќи ова е тимски спорт. Играат сите и секој има заслуга за победата или поразот - вели Митревски на почетокот на нашиот разговор.


Со Митревски се сретнавме веднаш по изгубениот натпревар со Австрија

Дали разочарувањето што не влеговте во вториот круг на Европското ракометно првенство е големо или веднаш се насочувате кон новите обврски со репрезентацијата?

- Разочарување секако дека постои. Мислам дека нема човек што не е разочаран општо во Македонија, а камоли ние тука, кои сме дел од ова првенство. Да се жали, да се тагува има многу малку време бидејќи ни претстојат клупски обврски. Ова треба да ни биде школо за понатамошниот дел од кариерата. Да знаеме како да постапуваме понатаму.

Верувавте во победа. Сите бевте оптимисти. Што се случи?

- Против Чешка изгубивме на една топка. Мал пад во нападот, неколку технички грешки, лоша одбрана, притоа нивна транзиција, мислам дека беа клучот за тој пораз. Натпреварот против Австрија беше сосема поинаков. Почнавме лошо, па се вративме, потоа едноставно нè снема во напад, во одбрана. Австријците се одлепија и веќе беше тешко да се стигнат по 40-тата минута.

На што се должеа неверојатните одбрани на мечот со Украина. Ви беше денот? Едноставно влеговте во тактиката на играчите или на некоја сила одгоре?

- Па, од сè по малку. Има и претходна тактичка анализа на играчите. Добра одбрана, момент, сето тоа придонесува за еден добар натпревар на голманите.



Како се чувствувавте во минутите кога публиката еуфорично го извикуваше Вашето име? Дали тоа Ви беше дополнителен мотив?

- Секогаш е убаво кога имаш поддршка од публиката. Општо, кога екипата има поддршка. Затоа сме им благодарни на сите Македонци што тука во Виена беа присутни на нашите натпревари. Секако дека е убаво кога го скандираат твоето име. Но, мораме да продолжиме, да бидеме концентрирани на натпреварот и на теренот. Ако се дефокусираме со публиката, може да се случи и пад на концентрацијата, да се промаши, да се прими гол.

Дали со Украина е Вашата најдобра игра за Македонија на европските и светските првенства?

- Сум имал и други натпревари каде што сум бранел добро. Мислам дека најголем број одбрани имав на натпреварот со Украина на едно првенство. Во Хрватска имав 14 одбрани против Шпанија. Претходно, на Светското првенство имав 14 или 15 одбрани против Русија. Мечот против Украина беше една од подобрите мои игри за репрезентацијата. Доколку поминевме во вториот круг, можеби ќе ја издвоев таа игра како најдобра.

Кој Ви е најстресен или најтажен натпревар во текот на репрезентативната кариера?

- На Олимписките квалификации во Полска, против Тунис. Се надевавме многу, а изгубивме. Исто како денес. Тоа беше многу сличен натпревар на денешниот против Австрија. Одеднаш изгаснавме и натпреварот заврши пред време. Немавме доволно капацитет да се вратиме, да се бориме за второто место.

А која Ви е најслатка победа?

- Баражите кога сме се пласирале на европски и светски првенства.

Сега сте дел од „Еурофарм Пелистер“ од Битола. Како Ви беше додека бевте дел од „Констанца“? Со какви спомени се враќате од Романија?

- Констанца е убав град, туристички, на море. Делот покрај Констанца го викаат Ибица на истокот. Има многу туристи и забава. Ми годеше престојот таму. Но, други беа причините поради кои заминав, иако ме сакаа и публиката и сите од клубот. Сакав да му помогнам на еден клуб во развој. Да дадам некој свој придонес за понатаму да се развива уште повеќе. Не се двоумев многу и прифатив да се вратам назад во Македонија. Секогаш е добро кога сум дома, во мојата родна Битола. Малку имам поголем притисок бидејќи сите очекуваат многу од мене, цел град ме знае и секој ме поздравува.

На терен не покажувате нервоза и не реагирате бурно. Дали и во приватен живот сте таков таков?

- Се трудам колку што можам да бидам посконцентриран на настаните на теренот и да не покажувам нервоза. Бидејќи нервозата се шири, па понервозна ќе стане и екипата. Ние сме екипа, а за мене екипата секогаш е пред поединецот. Поединецот може да добие еден натпревар, а екипата добива првенство, шампионати итн.

На колку години станавте татко?

- Станав татко во 2014 година, на 28 години. Имам две деца. Ќерка ми Атанасија има пет и пол години, а синот Антонио за два месеца ќе полни две години.

Се јави ли Атанасија за да Ви каже: Тато, те гледав, браво?

- Таа не е многу по спортот. Ме гледала дома на телевизија заедно со другите членови на семејството.

Како се справува Вашата сопруга со сите Ваши обврски и патувања?

- Секоја чест за неа, бидејќи јас сум многу малку со нив. Таа има задача комплетно да се грижи за нашите деца. Кога сум дома, само играм со нив, ги забавувам, а сè друго останува на неа. Целиот товар за грижата околу нив.

Кој е Вашиот професионален сон?

- Засега сѐ уште сум тука, се чувствувам млад. Ќе продолжам да играм додека ме служи здравјето. Олимпијадата е врвот на една спортска кариера. За жал, денес испуштивме шанса да продолжиме да сонуваме за Олимпијадата во Токио, но тоа е.

Подготвил: Соња Алексоска–Неделковска - наш известувач од Виена

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема