X
 15.01.2022 Живот

Како да се справиме со продуктивна кашлица, објаснува д-р Блерим Мустафа

Кашлицата претставува одбранбен рефлексен механизам преку кој се отстрануваат секретот и туѓите тела од дишните патишта. Тоа е неволен, самостоен и автоматски процес. Тоа е симптом кој се јавува во секоја возраст, од првите мигови на животот до најдлабоката старост. Нејзината појава често укажува на инфективна болест на дишните патишта или на белите дробови, која може да е предизвикана од вируси или бактерии. Исто така, може да е предизвикана од алергија, употреба на одредени лекови (на пример, АЦЕ-инхибитори), загаден воздух или пушење цигари.

Болестите што ја предизвикуваат кашлицата се различни и варијабилни со текот на возраста. Сепак, најчеста причина за кашлицата е инфекција што го зафаќа горниот или долниот дел на респираторниот тракт. Но знае да се случи и причината за кашлицата да не е директно во респираторниот тракт, туку да е последица од некоја друга состојба надвор од респираторниот тракт.

Според времетраењето, кашлицата може да биде: акутна, субакутна и хронична.

Според карактерот, кашлицата може да биде: продуктивна (влажна) и непродуктивна (сува). При сува надразителна кашлица вообичаено не се создава секрет. Оваа кашлица е надразителна и непријатна. Многу често сувата кашлица може да премине во продуктивна кашлица. Главните причини за продуктивна кашлица се пневмонија и бронхитис. Други посериозни причини вклучуваат хронична опструктивна белодробна болест, бронхиектазии и туберкулоза.
Ракот на белите дробови е честа причина за продуктивна кашлица придружена со крвав спутум.


Д-р Блерим Мустафа

Различните типови кашлица треба да се третираат на различен и соодветен начин, поради различните симптоми.
Антитусиците се препорачуваат кај сувата надразителна кашлица бидејќи тие го намалуваат рефлексот на кашлање покривајќи ја слузницата со заштитен слој.

За ублажување на продуктивната кашлица се препорачува да се пијат многу течности (вода, чаеви) бидејќи помагаат полесно да се отстранат спутумот и другите секрети. Исто така, некои чаеви помагаат со нивното антиинфламаторно, секретолитично дејство. Се препорачува да се откажете од пушењето и да ги избегнувате просториите со чад. Употребата на навлажнувач може да помогне во одржување на квалитетот на воздухот во куќата и може да ги подобри респираторните проблеми, подобрувајќи го целокупното здравје.

Муколитиците и експекторансите се препорачуваат кај продуктивната кашлица за полесно искашлување, го разводенуваат густиот секрет во белите дробови и овозможуваат полесно искашлување. Постојат муколитици врз билна база, а исто така постојат муколитици и на хемиска база како што е амброксолот. Во случај на бактериска инфекција се препорачува и антибиотска терапија, со претходно направен антибиограм.

Во случај продуктивната кашлица да не се подобри по третманот, треба да се извршат понатамошни испитувања што е можно поскоро. Ова е единствениот начин да се избегнат компликации.

Автор: д-р Блерим Мустафа

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот