X
 31.05.2022 Здравје

Прекумерно зголемениот индекс на телесна маса кај жената има негативно влијание врз нејзиниот фертилен потенцијал

Инциденцата на луѓе со зголемена телесна маса е во пораст на светско ниво. Светската здравствена организација (WHO) објавила податок дека 1,6 милијарда луѓе низ светот имаат прекумерна телесна маса, а 400 милиони се дебели. Занимливо е тоа што процентот на дебели луѓе во земјите во развој е зголемен за трипати во последните дваесет години. Формулата која универзално се користи во медицината за покажување на патологијата на телесната маса на човечкото тело е индекс на телесна маса (BMI, Quetelet index). Индексот на телесната маса е дефиниран како количник од масата на личноста изразена во килограми и висината на истата изразена во метар на квадрат kg/m2.

Прекумерната телесна маса – дебелина (BMI преку 25 kg/m2) и екстремна дебелина (BMI преку 30 kg/m2) се поврзани со зголемениот ризик од одредени нарушувања. Најчести се: нарушување на менструалниот циклус, појава на ановулаторни циклуси и патолошки состојби во бременоста. Оваа патологија е резултат на повеќе ендокрини и метаболички нарушувања кои пречат на репродуктивната функција преку неколку механизми, било директно било индиректно. Докажано е дека масното ткиво влијае врз лачењето на стероидните хормони и нивната биоефективност. Намалено ниво на секс хормон поврзувачки глобулин (SHBG) кој се детектира кај дебелите пациентки доведува до компензирачко подигнување на андрогената синтеза преку зголемување на циркулаторното ниво на таканаречени слободни секс стероиди како тестостерон, дехидротестостерон и андростендиол. Тоа доведува до една релативна андрогенемија со карактеристична клиничка слика со нарушен менструален циклус и олигоовулации или комплетна ановулација кај пациентките со PCO синдром и обезитет, како и инсулинска резистенција и компензаторна инсулинемија која го снижува нивото на SHBG и доведува до неквалитетна фоликулогенеза, која понатаму се реперкуира во поглед на појавата на функционален стерилитет. Прекумерната дебелина го исполнува својот ефект и преку лептинот, инсулинот и адипокиназата. Лептинот и адипокините се пептиди кои се многу важни во процесот на пренос на сигнали и во функцијата на метаболичката регулација. Нивниот дисбаланс влијае врз репродуктивниот систем со клинички резултат во функционално нарушување на овулацијата.



Проф. д-р Зоранчо Петановски

Клиничките набљудувања на ефектот на телесната тежина во текот на процесот на вонтелесно оплодување (IVF) се занимливи и контроверзни. Сумирано сè заедно, повеќето истражувања покажале дека прекумерната дебелина има негативно влијание врз успехот на IVF процесот. Дебелината влијае врз резултатот од контролираната оваријална стимулација (КОС) кај жените кои започнале ин витро фертилизација. Пријавено е дека ефектите се: продолжен КОС, потреба за повисока доза на гонадотропини, зголемена честота на фоликуларна асинхронија, полош одговор на КОС, редуциран број на добиени ооцити, матурирани ооцити и квалитетни ембриони и зголемена фреквенција на откажани циклуси. Сето ова придонесува за намалена стапка на клинички бремености, зголемена фреквенција на рано изгубени бремености и намалена стапка на породувањa. Повеќе студии се објавени во напор да се разбере овој патолошки механизам и да се подигне репродуктивниот потенцијал кај оваа група пациентки. Намалувањето на индексот на телесната маса од барем 5% во период од 2-3 месеци пред почетокот на процесот на ин витро фертилизација, секојдневното вежбање, медитеранскиот начин на исхрана се веќе секојдневно етаблирани протоколи во функција на подготовка на пациентките кои се во програмата на ин витро фертилизација.

Автор: проф. д-р Зоранчо Петановски
Центар за асистирана репродукција – Ремедика, Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје