X
 18.11.2021 Живот

Влијанието на ковид-19 врз кардиоваскуларните заболувања

Во декември 2019 година нов коронавирус (SARS-COV-2) беше идентификуван кај пациенти со ковид-19 во Вухан, провинцијата Хубеи, Кина и оттогаш брзо се шири низ светот. На 11 март Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи ковид-19 за пандемија. Официјално од страна на СЗО (SARS-COV-2) е прогласен како главен агенс кој предизвикува тежок акутен респираторен синдром. Во март 2020 година беа идентификувани првите случаи на оваа болест во Република Северна Македонија. Последните податоци (ноември 2021, worldometer) покажуваат дека во Република Северна Македонија досега вкупниот број на заразени од коронавирус изнесува 203.866, од кои 189.557 се излекувани, додека бројот на загинати достигна 7.178. Според статистиките на глобално ниво, повеќето од смртните случаи се пациенти кои истовремено имале и други болести, од кои најчесто хронични болести како дијабетес, хипертензија, хронични бубрежни и срцеви заболувања.

Многубројни студии направени во последниве месеци покажуваат дека постои врска помеѓу ковид-19 и кардиоваскуларните болести.

Според овие студии, пациентите со ковид-19 со веќе постојна срцева болест може да доживеат срцев удар или да развијат конгестивна срцева слабост. Ова се должи на комбинацијата на тешката вирусна болест и зголемени барања за срцето, зголемениот пулс надополнет со ниските нивоа на кислород поради респираторните симптоми, миокардитисот и зголемената склоност за коагулација на крвта. Покрај зголемувањето на овие проблеми со срцето, забележана е и поневообичаена состојба наречена миокардитис кај пациенти со ковид-19. Дополнително, некои пациенти со основни кардиоваскуларни заболувања може да имаат зголемен ризик од смрт. Кардиоваскуларните болести го зголемуваат ризикот од тешка болест и смрт од ковид-19, па затоа разбирањето на основните механизми е од најголемо значење, за да може лекувањето на овие пациенти да биде навремено и ефикасно и да се намали смртноста.

Прогресијата на болеста од инфекција со ковид-19 покажува манифестации на симптоми во органските системи надвор од респираторниот систем. Компликациите кои го вклучуваат кардиоваскуларниот систем вклучуваат миокарден инфаркт (7,2%-27,8%), аритмии (5,9%-16,7%), шок (1,1%-20%) и срцева слабост (23%). Абнормалности на коагулација и миокардитис, исто така, се пријавени во различни извештаи. Додека разбирањето на новиот вирус континуирано се развива, механизмот преку кој вирусот SARS-CoV-2 доведува до кардиоваскуларни манифестации во моментов се предлага да го вклучи трансмембранскиот протеин ACE2. Добро е познато дека протеинот ACE2 се наоѓа низ телото, вклучувајќи ги илеумот, бубрезите, масното ткиво, срцето, мозочното стебло, белите дробови и носната и оралната мукоза, што може да ги објасни симптомите и компликациите кои вообичаено се гледаат со инфекција. ACE2 протеинот е високо изразен во перицитите на крвните садови, а инфекцијата може да доведе до микроваскуларна дисфункција и последователни акутни коронарни синдроми.

Некои од можните компликации што можат да бидат предизвикани од инфекција со ковид-19 кај пациенти со кардиоваскуларни болести се претставени подолу:



Акутен коронарен синдром

Акутен коронарен синдром е широк поим кој може да опфати голем број кардиоваскуларни проблеми. Како што се собираат повеќе податоци кај повеќе пациенти, случајот за поврзаноста на акутен коронарен синдром и лошиот исход на пациентите со ковид-19 станува сѐ посилен. Метаанализата на податоците за ковид-19 собрани од рецензирани публикации објави дека инциденцата кај случаите на ковид-19 била 15%, а тешките случаи биле со речиси 5 пати поголеми шанси да вклучуваат акутен коронарен синдром во споредба со поблаги случаи. Терминот акутен коронарен синдром се применува кога вредностите на срцевиот тропонин I се покачени над горната референтна граница на 99-тиот перцентил. Кај општата популација, повисоките вредности на тропонин се поврзани со поголем ризик за кардиоваскуларни болести и смрт.

Аритмија

Срцевата аритмија, исто така, се појави како срцева компликација на пандемијата на ковид-19. Сепак, според една метаанализа која обединува 17 ретроспективни студии на пациенти со ковид-19 од различни нации покажа дека само околу 9% од случаите вклучуваат аритмии. Кај овие пациенти треба да се користат антиаритмични агенси, онаму каде што е потребно.

Срцева слабост

Во претходно споменатата метаанализа инциденцата на срцева слабост беше 16,7% во исто време и најчеста компликација пријавена во вклучените студии. Дополнително, во извештаите за компликации кај починати пациенти, приближно половина од тие случаи вклучуваат срцева слабост. Пациентите со ковид-19 кои доживуваат срцева слабост треба да се третираат со традиционални лекови за срцева слабост, како што е соодветно според актуелните упатства.

Хиперкоагулација

Доказите за коагулопатија се присутни кај 20-55% од случаите на ковид-19 примени на хоспитализација. Различни фактори може да доведат до хиперкоагулација кај ковид-19, а не сите директно поврзани со вирусот. Тие вклучуваат зголемен ризик за длабока венска тромбоза како резултат на неактивност поврзана со карантин и изолација, и директни последици од третманот, вклучително и несакани ефекти од антивирусна терапија и механичка вентилација.

Два показатели за активноста на коагулација - Д-димер и производ за разградување на фибрин (FDP) - беа покачени речиси во секој од комплицираните случаи со ковид-19.
Д-димерот се генерира за време на формирањето тромби и се ослободува додека тромбите се распаѓаат. Слично на тоа, FDP се фрагменти кои се ослободуваат при деградација на тромбот, но може да се појават и при нормални физиолошки околности; така, комбинацијата на двата маркери е таа што сугерира патолошки формирање на тромб. Кај пациентите со покачување на Д-димери, исто така, беа забележани продолжено протромбинско време и активирано парцијално тромбопластинско време.

Доказите за хиперкоагулација и потенцијалот за формирање тромб доведоа до препорака за тромбопрофилакса со хепарин со ниска молекуларна тежина (LMWH), нефракциониран хепарин (UFH) за критично болни пациенти со ковид-19.

Како да се спречат компликациите што можат да настанат како резултат на инфекција со ковид-19?

Пациентите со кардиоваскуларни заболувања во текот на целиот период на пандемијата се постојано напаѓани од фактори со висок ризик кои дополнително ја влошуваат нивната здравствена состојба. Ова ситуација може да предизвикува појава или влошување на кардиоваскуларните болести и затоа треба да му се посвети поголема претпазливост. Стравот предизвикан од големиот број информации за болеста кои во голема мера зборуваат за ризикот што се поставува токму за лицата кои страдаат од кардиоваскуларни болести значително влијае врз нивното ментално здравје. Веќе е познат фактот дека постои поврзаност помеѓу депресијата и кардиоваскуларните болести. Конкретно, приближно 20% од пациентите со коронарна артериска болест или срцева слабост, исто така, имаат депресија.

Различни студии ги испитуваа механизмите со кои депресијата го зголемува ризикот од коронарна артериска болест и срцева слабост. Додека се преземаат рестриктивни мерки за време на пандемијата на ковид-19, важно е да се спроведуваат редовни процени на анксиозноста и депресијата како компонента на сеопфатното управување со пациентите со коронарна артериска болест и срцева слабост. Дополнително, откажувањето од пушењето, одржувањето соодветно ниво на физичка активност, здравата исхрана и управувањето со стресот може да бидат клучни во грижата за пациентите со кардиоваскуларни заболувања.

Автор: д-р Бетим Даути

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот