X
 15.01.2023 Живот

Премногу надарена за да страда: Каков бил животот на познатата Марија Кири?

Пјер Кири, угледниот француски физичар, ја набљудувал својата сопруга. Била облечена во црн вечерен фустан, украсен со бела тантела, што не било дел од нејзиниот вообичаен стил на облекување како научник. Но, таа вечер, среде Париз, таа блескала како да била озрачена со радиум. Долго време не бил сведок на ваква нереална сцена. Тоа бил еден од ретките моменти кога двајцата научници одлучиле да го напуштат своето засолниште, лабораторијата на Универзитетот „Сорбона“, каде што се појавиле откритија кои ќе го променат светот.

Неговата сопруга, Марија Склодовска Кири, добитничка на две Нобелови награди за нејзиниот придонес во областа на хемијата и физиката, е прва што ја носи титулата професорка на нејзиниот матичен универзитет „Сорбона“. Таа денес претставува симбол, дури и стереотип на самопожртвуван научник, жена која се посветила на макотрпно истражување. Како сиромашна емигрантка родена во Полска, доаѓа во Париз каде што од студената таванска соба влегува во трка по нови откритија, трка во која таа ќе биде лидер и која ќе трае целиот нејзин живот.

1
Пјер и Марија во 1903 година/Фото: Wikipedia

Како што пишува еден од нејзините современи биографи, Барбара Голдсмит, во делото „Опсесивен гениј“ во кое ја разоткрила другата страна на Марија Кири, сигурните чекори, интелигенцијата и упорноста ја однеле до врвот на академските достигнувања. Но, речиси никој не знаел дека Кири се борела со меланхолија и депресија.

По долгогодишната заедничка работа, Пјер Кири загинал во сообраќајна несреќа, кога на улиците во Париз го удрила кочија. Прераната смрт на Пјер ја оставила Марија сама со нејзините ќерки Ирена и Ева, теоријата за радиоактивност и откритијата за радиум и полониум, „нејзините деца“.

Затворена за светот, затворена за себе, обраќајќи му се на Пјер во нејзиниот дневник, напишала дека продолжила да живее и да работи само за да го направи горд. Дури и пред да доживее нервен слом, Марија успеала да го напише најпрецизното дело од раната историја на радиоактивноста, „Трактат за радиоактивноста“.

Јавен идентитет


Соочувајќи се со тешки подеми и падови, животот на Марија Кири не бил лесен. Во 1911 година сјајот на Нобеловата награда исчезнува во сенка на аферата која преку ноќ ја прави главна тема на дневниот печат. Пол Лангевин, оженет физичар, бил причината поради која Марија наместо црн, носела цветен фустан. Преписката на љубовниците, проследена преку госпоѓа Ланжвен, станува содржина на најчитаните весници и ја враќа Марија на почетокот.

Во очите на јавноста се случува пресврт: познатата хемичарка станува полска емигрантка која растура бракови. Скандалот ѝ предизвикал нервен слом, по што една година се лекувала. По лекувањето Марија Кири повторно се вратила во лабораторија облечена во црн фустан.

2
Марија и нејзината ќерка Ирене/Фото: Wikipedia

Во ера кога престижната програма на Европската комисија, која ги финансира најдобрите научници во Европа, го носи името на Марија Склодовска Кири и кога нејзиното име се поврзува и со статусот на жената во науката, таа претставува олицетворение на женската сила, родена во време кога светот бил сè само не поволен за жените. Но, борбата за позиција во „машкото“ општество била само една пречка во низата од која оваа храбра жена не отстапила.

Нејзиниот белег не остана само во науката - од сиромашна полска студентка до мадам Кири, таа стана симбол на Франција. Нејзината ќерка Ирина, со која направила илјада рендген-снимки за време на Првата светска војна, секој ден одејќи на бојното поле, спасувајќи ја Франција од голема загуба, е одговорна за донесувањето на законот за право на глас на жените во Франција во 1945 година.

Иако низ биографиите како „Опсесивен гениј“ во последните години се дознаа многу непознати работи за другата страна на Марија Кири, сликата за неа не се претвори во слика на нежна и чувствителна жена во црн фустан со бела тантела. Како што напишала нејзината ќерка Ева, исто така нејзин биограф, Марија Кири била „премногу надарена за страдање“.

Извор: National Geographic
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот