Пациентите што боледуваат од кардиоваскуларни заболувања сметаат дека е неопходно да се хранат здраво бидејќи начинот на исхрана има огромно влијание врз подобрувањето на нивната здравствена состојба. Но, често се случува дури и здравата храна, вклучително и овошјето и зеленчукот, да предизвикаат несакани и можеби опасни интеракции со одредени лекови кои се користат за лекување на овие болести. Хранливите материи вршат важни дејства во човечкото тело бидејќи учествуваат во неговото нормално функционирање. Сепак, истовременото внесување храна со лекови често може да ја промени ефикасноста на некои лекови со тоа што ќе влијае врз нивната фармакокинетика и фармакодинамика.
Овој тип конвергенција во телото е познат како интеракција лек-храна. Интеракција лек-храна е ситуација во која супстанцијата влијае врз активноста на лекот со зголемување или намалување на ефектите или производство на ефект сосема различен од ефектот што се очекува да го даде лекот. Овие интеракции може да настанат од случајна злоупотреба или поради недостиг на знаење за активните состојки што се вклучени во прехранбените производи. Оваа интеракција лек-храна станува уште поевидентна поради фактот што повеќето лекови за кардиоваскуларни болести се препишуваат орално и генерално се администрираат истовремено со храна. Главните несакани ефекти на некои диети богати со масти, протеини и влакна вклучуваат промени во апсорпцијата на лековите и тоа директно влијае врз фармаколошкиот одговор на лекот и придонесува за неуспех на терапијата.
Најчестото прашање што го поставуваат пациентите кога примаат терапија е дали треба да ја земаат пред или по јадење или да ја придружуваат со храна. За разлика од многуте информации што ги има за интеракциите на лек-лек, информациите за интеракцијата храна-лек не се секогаш соодветно достапни. Многу е тешко да се направи едно точно одредување на ефектите од храната и хранливите материи врз ефектите на еден одреден лек. Оваа статија има цел да им помогне на здравствените работници, особено лекарите и фармацевтите, како и пациентите за ефектите што може да ги има земањето различна храна со лекови.
Д-р Бетим Даути
Затоа е важно да се направи правична процена на последиците што може да ги предизвика истовремениот внес на храна со некои од лековите препишани за кардиоваскуларни болести, со цел правилно и прецизно да се упатат пациентите како да се администрираат овие лекови за да се постигне соодветна ефикасност на терапијата.
Интеракција на антихиперлипидемични лекови со храна
Многубројни студии известуваат за интеракциите на некои статини (антихиперлипидемични) со сокот од грејпфрут кои се јавуваат како резултат на инхибиција на ензимот. Општо земено, одреден број флавоноиди присутни во сокот од грејпфрут се идентификувани како инхибитори на естераза, од кои се покажа дека кемпферолот и нарингенинот посредуваат во фармакокинетската интеракција на лековите со повеќето антагонисти на калциумовите канали и групи на лекови статини.
како што се еналаприл и ловастатин. Затоа, употребата на овој сок треба да се избегнува кога се користат статини и блокатори на калциум.
Што се однесува до земање статини со храна, истовремената администрација на ловастатин со храна резултира со зголемена гастроинтестинална апсорпција и зголемена биорасположивост, додека апсорпцијата на росувастатин е значително намалена ако се комбинира со храна. Затоа, се препорачува росувастатин да се администрира на празен стомак. Симвастатин, правастатин и флувастатин може да се земаат без оглед на храната. Сепак, исхраната богата со влакна може да ја намали ефикасноста на овие лекови.
Интеракција на антихипертензивни лекови со храна
Некои антихипертензивни лекови кои се користат во секојдневната практика имаат интеракција со храната доколку се земаат истовремено. Така, на пример, земањето атенолол со храна може да влијае врз неговата концентрација во плазмата. Каптоприл, исто така, може да ги намали нивоата во плазмата ако се зема со храна. Истовремената употреба на храна со лековите бисопролол, метопролол, клонидин и еналаприл нема значително влијание врз нивната апсорпција.
Интеракција на антиаритмични лекови со храна
Од антиаритмичните лекови амиодарон и дигоксин покажуваат значителна интеракција со храната. Истовремениот внес на храна со Амиодарон, ја зголемува неговата апсорпција и биорасположивост, додека кај дигоксин има намалување на апсорпцијата и концентрацијата во плазмата доколку е придружен со диета богата со растителни влакна.
Интеракција на антикоагуланси со храна
Варфаринот ги покажува најчестите интеракции со храната. Варфаринот најчесто се користи за лекување или спречување на тромбоемболија. Пациентите што примаат варфарин се изложени на посебен ризик од интеракции со додатоци во исхраната бидејќи постои потенцијална интеракција помеѓу варфарин и високите нивоа на протеини во исхраната. Исто така, некои зеленчуци (брокула, бриселско зелје, кељ, магдонос, спанаќ и други) се богати со витамин К. Јадење големи количини или правење нагли промени во количината на јадење на овие зеленчуци ги попречува ефикасноста и безбедноста на терапијата со варфарин. Комбинирањето на администрацијата на варфарин со сок од брусница може да доведе до крвавење бидејќи сокот од брусница може да ја инхибира активноста на CYP2C9, главниот изоензим вклучен во метаболизмот на S-варфарин.
Од друга страна, ако варфарин се зема заедно со зелен зеленчук, неговиот хипопротромбинемичен ефект може да се намали и да се развијат тромбоемболични компликации.
Автор: д-р Бетим Даути, интернист, кардиолог
Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ - Гостивар