Селото Стројковце кај Лесковац, Србија, има 320 дома и дури 50-ина компании. Само во последните три години се отворени 6 нови претпријатија и работилници. Главно се занимаваат со преработка на дрво. За добрата работа сведочат и вработените од целиот регион.
Претприемачкиот дух е длабоко вкоренет во Стројковце. Таму кон крајот на 19 век настанале првите гајтани на Балканот и се поставени темелите на текстилната индустрија. Некогаш живееле од коноп, а денес ги користат шумските богатства на планината Кукавица. Оттаму во Европа и во Кина заминуваат мебел, паркет, амбалажа од дрво. Во „Дрвопродукт“ работат 70 лица.
- Условите се добри, работата не е тешка, платата е одлична. Сѐ на сѐ, супер - вели Билјана Трајковиќ од Шаиновац.
Покрај долгата претприемачка традиција, како причини за отворање компании, ширење на производството и вработување, претприемачите во селото наведуваат и уште неколку економски поволности.
- Кредитите ни се мали, добиваме субвенции од државата, добиваме доволно суровини. За шест години двојно го зголемивме бројот на работници - вели Горан Коциќ, сопственик на „Дрвопродукт“.
Само во една улица има десетина стругари. Конкуренцијата е јака, но велат дека работа има за сите. Фамилијата Вујиќ ги снабдува со гајби земјоделците во лесковачкиот крај.
- Задоволен сум од работата, задоволен сум од пазарот. Имам 6-7 вработени и моите од дома. Тоа е најважно - вели Драган Вујиќ, сопственик на компанија за правење гајби од Стројковце.
Во ова село цветаат и занаетчиството и трговијата. Невработени нема. Кој не се обидел, тој не успеал, вели 32-годишната Ивана.
- Со малку помош и субвенции од државата и со доста упорност, секако дека има надеж младите да останат овде и да работат - вели Ивана Вуковиќ, сопственичка на пекарница.
Меѓутоа, во Стојковце нема ни градска вода, ни канализација, ни асфалтирани улици. И регионалниот пат е целиот со дупки.
- Луѓето се навистина задоволни, сакаат да помогнат во соработка со државата и локалната самоуправа да го средиме уште тоа што ни недостига - вели Горан Петровиќ, претседател на месната заедница Стројковце.
Куќите се полни, никнуваат и нови. Во потрага по работа неколку фамилии од околината се доселиле во селото. И училиштето е преполно. Само да се среди инфраструктурата и сликата за селото ќе биде целосна.
Автор: Данијела Коциќ
Извор:
РТС
Насловна фотографија: Wikipedia