Студенти на Медицинскиот факултет денес протестираа пред Министерството за здравство барајќи промена на Законот за медицински студии и стручно усовршување на лекарите.
Фото: Телма
Имено, според новите измени, студентите би требало да полагаат државни испити во втората и четвртата година, што претставуваат услов за продолжување со студиите. Покрај тоа, предвидена е и тримесечна пракса, како и усно и писмено полагање на стручниот испит пред лекарска комисија, известува „Нова ТВ“.
- Нашето незадоволство не потекнува од желбата за помалку испити, не потекнува од тоа да избегнеме пракса. Овој испит е само начин на вештачка елиминација на студенти кои министерството ги смета за вишок. Нашето барање е испитот да не претставува услов за запишување на трета година, туку да се искористи во вид на евалуација. Сакаме факултет кој ќе ги рефлектира студентските ставови, реформи во кои ќе бидеме инволвирани и ние, вели студент.
Протестот на студентите траеше приближно еден час, по што демонстранти биле примени во кабинетот на министерот Тодоров. Внатре, тие добиле информација дека не може да се направат измени во Законот поради распуштањето на Собранието, меѓутоа министерството е отворено за соработка.