- Вакцините нудат голема надеж за пресврт на бранот на пандемијата. Но, за да го заштитиме светот, мораме да се осигуриме дека сите изложени на ризик во сите делови од светот, а не само земјите што можат да си дозволат вакцина, се имунизирани - вели Теодрос Аданом Гебрејесус, шеф на Светската здравствена организација.
Знаеме дека вакцините ќе играат клучна улога во враќањето на светот во нормала по пандемијата, но има многу препреки, па за многумина пристапот до вакцина ќе биде подолго патување.
На пример, некои држави и политички блокови почнаа да се натпреваруваат во собирањето резерви кога станаа достапни вакцините и овој „вакцинален национализам“ го турка населението од посиромашните земји кон крајот на редот.
Другите проблеми се недоволното производство и доцнењето со снабдувањето, кои го попречуваат постигнувањето глобален колективен имунитет, крајната цел на борбата против Ковид-19.
Земајќи ги предвид сите овие пречки, кога можеме да очекуваме глобалната програма за вакцинација да вроди со плод во борбата против Ковид-19?
Како тече програмата за вакцинација?
Програмите за имунизација се започнати во многу земји, но има празнини во понудата и побарувачката.
Во моментов се дадени околу 565 милиони дози во 138 земји, според податоците на „Нашиот свет во податоците“ (ОВИД).
Збирот може да звучи голем, но со глобалниот број на население од нешто помалку од 7,8 милијарди, тоа е доволно за само 7,2 проценти од луѓето на Земјата да добијат една доза.
Доколку се одржи овој ритам, ќе бидат потребни повеќе од три години да се вакцинираат сите во светот, особено затоа што речиси сите сегашни вакцини бараат две дози за да се постигне нивниот целосен ефект.
Единицата за економско разузнавање (ЕИУ) проценува дека поголемиот дел од возрасната популација во развиените економии ќе биде вакцинирана до средината на 2022 година.
За земјите со среден приход, оваа временска рамка се протега до крајот на 2022 година, па дури и почетокот на 2023 година, додека најсиромашните земји во светот можеби ќе треба да чекаат масовна имунизација до 2024 година - ако тоа воопшто се случи.
Кои вакцини се во оптек?
Вакцината на „Фајзер-Бајонтек“ беше првата одобрена од регулаторните тела - прво во Велика Британија на 2 декември 2020 година, а потоа во САД, ЕУ и од СЗО.
Следуваа „Модерна“, произведена во САД, „Астра зенека“ (изработена од британскиот Универзитет „Оксфорд“), „Синофарм“ и „Синовак“ од Кина и „Спутник V“ произведена во Русија.
Неодамна беа објавени резултати од тестовите на две вакцини - едната во производство на „Џонсон и Џонсон“ и „Новавакс“, кои треба да бидат проверени од регулаторните тела пред да бидат одобрени.
Во земји како Израел и Велика Британија веќе има ветувачки знаци дека вакцините го намалуваат бројот на хоспитализации и смртни случаи, како и пренесувањето на заразата во заедницата.
Фото: Freepik
И покрај непоколебливиот напор да се измислат, произведат и одобрат овие вакцини за рекордно време, нивното доставување е крајно нерамномерно на глобално ниво и е попречено од разни пречки.
Што претставува „вакцинален национализам“?
„Вакцинален национализам“ се однесува на постапките на националните влади кои на алчен и неправеден начин сакаат да обезбедат резерви за сопствената популација на штета на другите.
Многу богати земји купуваат вакцини преку билатерални договори со фармацевтски земји - но многу повеќе отколку што реално им требаат. На пример, Канада нарача петпати повеќе дози од бројот на нејзиното население и треба да добие вишок вакцини од „Астра зенека“ од САД, откако американскиот претседател Џо Бајден објави дека ќе го донира вишокот додека чека да биде одобрена вакцината за употреба во земјата.
И Велика Британија беше обвинета за складирање поголем број вакцини.
Џереми Фарар, директор на фондацијата „Велкам труст“, вели дека Велика Британија ќе има пристап до доволен број вакцини за да ја вакцинира целата популација двапати.
- Мора да почнеме да размислуваме надвор од границите на нашата земја. Овие дози нема да бидат од никаква корист во Велика Британија, време е да се почне со нивно споделување на оние на кои им се најпотребни. Повеќе е прашање на етика - вели тој.
Европската Унија на сличен начин се закани дека ќе го контролира извозот на вакцини произведени на нејзината територија сѐ додека има проблеми со спроведување на сопствената програма за вакцинација. Тоа значи дека вредните резерви на вакцини се заробени во неколку богати економии и дека не се поделени еднакво со посиромашните земји.
- Ако владите продолжат со овој вид вакцинален национализам и ако производителите им нудат вакцини против Ковид-19 само на оние што нудат најмногу пари, исто како што беше во 2009 година со вакцините против свински грип, тоа само ќе ја продолжи кризата - вели Сет Беркли, раководител на вакциналниот сојуз „Гави“.
- Дури и ако на секоја земја ѝ се ветуваат дози, одложувањето на достапноста на вакцините во светот ќе му овозможи на коронавирусот да продолжи да циркулира, да мутира и подобро да се приспособува на човекот. Тоа е спротивно на најдобрите интереси на сите - вели тој.
Дали вакцините одат онаму каде што се најпотребни?
Многу земји со средни примања и повеќето земји со ниски примања се потпираат на КОВАКС-механизмот за да обезбедат вакцини за нивната популација.
Иницијативата предводена од СЗО сака да им испорача шест милијарди дози на сиромашните земји, со две милијарди планирани за 2021 година.
КОВАКС досега испрати 32 милиони дози во 70 земји-членки, а Тонго и Тринидад и Тобаго ги добија најновите пратки.
Африканските земји се очекува да бидат меѓу последните што ќе го вакцинираат мнозинството од нивната популација и ќе бидат особено зависни од оваа иницијатива.
Минатиот месец Гана беше првата земја што почна да прима вакцини од КОВАКС бидејќи исполнува строги критериуми и ветува брза дистрибуција.
Сепак, нејзината оригинална пратка беше само 600.000 дози за земја со 31 милион жители.
Ен Мавате, уредничка за здравство во Би-би-си, посочува дека е голема веројатноста многу африкански земји на крајот да мора да купуваат вакцини по повисока цена од западните земји, делумно затоа што не нарачале резерви однапред.
- Некои ги повикаа големите фармацевтски компании да престанат да ја блокираат можноста за откажување од патенти, што ќе доведе до пониски цени и ќе значи дека ќе се произведуваат повеќе вакцини. Но, компаниите не се согласија на тоа знаејќи дека тоа може да влијае врз нивниот профит - додава таа.
Што со колебањето за вакцинација?
И колебањето на луѓето за вакцинација може да има значително влијание врз глобалниот имунитет.
Во некои побогати земји програмата запира и покрај пристапот до вакцини. На пример, неодамнешните истражувања во Франција и во Јапонија покажуваат дека околу половина од населението не сака да се вакцинира.
Германија и Италија целосно престанаа да вакцинираат со „Астра зенека“ неколку недели подоцна, иако обете земји го доживеаја третиот бран на инфекција, што ја натера СЗО да објави повеќе соопштенија за безбедноста на оваа вакцина.
Таа неподготвеност да се одговори во развиениот свет може да се прошири во посиромашните земји, особено ако глобалната вакцинација е бавна.
Некои земји, особено оние со млад демографски профил, може да ја изгубат мотивацијата за дистрибуција на вакцини, особено ако болеста е значително раширена (така што голем дел од населението веќе има имунитет) или доколку трошоците се преголеми.
Слабиот одѕив ќе има драматично влијание врз постигнувањето на целта на колективниот имунитет, што според експертите е најдобрата шанса светот да ја прекине пандемијата.
Како ќе добиеме колективен имунитет?
Колективниот имунитет се постигнува кога значителен број жители се имунизираат и тогаш ги штитат другите со тоа што повеќе не ја шират болеста.
Ова е различно за секоја болест. На пример, морбилите бараат 95 отсто од популацијата да се вакцинираат, додека за детска парализа - 80 отсто.
Бидејќи Ковид-19 е целосно нова закана, прагот за постигнување колективен имунитет не е познат, но епидемиолозите проценуваат дека може да биде околу 70 отсто.
Сепак, како што пандемијата влегува во втората година, експертите полека почнуваат да ја зголемуваат таа бројка.
Ентони Фаучи, главен медицински советник на претседателот Бајден, вели дека постепено ја зголемувал својата процена со текот на времето и сега верува дека таа бројка е некаде помеѓу 70 и 90 отсто.
Дали вакцинацијата ќе го искорени Ковид-19?
Главниот медицински советник на Велика Британија, Крис Вити, изјави дека верува дека шансите за елиминирање на Ковид-19 се толку близу до нула што е практично ирелевантно.
- Успеавме да искорениме само една болест - а тоа се сипаниците - со феноменално ефикасна вакцина за многу долг временски период - додаде професорот Вити.
Тоа не значи дека напорите за вакцинација се залудни, но делумно имунизираната глобална популација може да доведе до зголемена инфекција и повеќе нови соеви.
Анализата на Кристофер Мареј од Универзитетот во Вашингтон и Питер Пиот од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина предупредува на потребата да се интензивираат глобалните напори за вакцинација.
- Можноста за постојан и сезонски Ковид-19 е реална - се вели во нивниот извештај за „Џурнал оф американ медикал асосиејшн“, кој препорачува интензивирање на глобалната иницијатива за вакцинација како прв чекор во спречување на болеста.
Но, дури и ако тоа се покаже како точно, програмите за вакцинација сепак играат многу важна улога.
Професорот Азра Гани од Кралскиот колеџ во Лондон вели дека примарната цел на вакцините против Ковид-19 е да спасат животи, а тоа се постигнува со истовремено стекнување имунитет кај вакцинирани лица и спречување на понатамошно пренесување на вирусот.
- Имајќи предвид дека помина повеќе од една година од идентификувањето на вирусот, напредокот што е постигнат во меѓувреме во развојот и администрацијата на вакцините е неприкосновен. Научните сознанија за овој нов вирус сè уште се во развој и голем број научни тимови од целиот свет се занимаваат со тестирање и промовирање на кандидати за вакцини. Верувам дека затоа можеме да бидеме оптимисти дека со овие напори е можно да се постигне висок степен на непосредна и индиректна заштита што може да не го елиминира вирусот, но затоа ќе овозможи животот да се врати во нормала - изјави д-р Азра.
Извор:
BBC
Фото: Freepik