X
 06.12.2021 Здравје

Научниците откриле зошто се јавуваат ретки згрутчувања на крвта по примање „Астра зенека“

Од почетокот на користењето на вакцината против ковид-19 на „Астра зенека“ почнаа да се појавуваат и ретки случаи на згрутчување на крвта кај лица што ја примиле. Научниците конечно откриле што ги предизвикува овие згрутчувања на крвта.

Научници од Велика Британија и од САД покажале во детали како протеин во крвта привлекува клучна состојка на вакцината. Научниците претпоставуваат дека ова предизвикува верижна реакција која го вклучува имунолошкиот систем, а која може да заврши со згрутчување во исклучително ретки случаи.


Фото: Pixabay

Експертите и претставници од компанијата „Астра зенека“ нагласуваат дека веројатноста за појава на згрутчување на крвта е поголема при зараза со ковид-19 отколку поради вакцината.

Како вакцината на „Астра зенека“ може да предизвика ретко згрутчување на крвта?

Вакцината е направена од генски материјал на ковид-19 во комбинација со послаба верзија од вирус на обична настинка. Вакцината се вшприцува во мускулот, а понекогаш оди и во крвотокот. Во крвотокот може да привлече протеин во крвта наречен тромбоцитичен фактор 4.

Во ретки случаи имунолошкиот систем може да го измеша овој протеин со вирусот и тогаш ослободува антитела за да го нападне. Тогаш антителата се соединуваат и во комбинација со протеинот предизвикуваат згрутчување на крвта.


Фото: Pixabay

Вакцините испорачуваат дел од генскиот материјал на коронавирусот во телото за да го активираат имунолошкиот систем, а во вакцината на „Астра зенека“ за ова бил искористен вирус кој можеби е поврзан со ретките случаи на згрутчувања на крвта. Според истражувачите, вирусот искористен во вакцината на „Астра зенека“ го привлекува протеинот тромбоцитичен фактор 4.

Ова во комбинација со необичниот имунолошки систем кај лицата веројатно е причина за појавувањето на ретките случаи на згрутчување на крвта.

Ваквите згрутчувања на крвта се поврзани со 73 смртни случаи во Велика Британија. Во оваа земја досега биле примени 50 милиони дози од вакцината на „Астра зенека“. Се смета дека вакцината спасила над 1 милион животи во светот.

Извор: Eklinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје