Се чини дека сите се загрижени за потенцијалното влијание на вештачката интелигенција денес. Дури и технолошките лидери како Илон Маск и коосновачот на „Епл“, Стив Вознијак, потпишаа јавна петиција со која бараат од „Опен Ај-еј“, креаторите на четботот „Чет-ГПТ“, да го прекинат развојот на шест месеци за да може да биде ригорозно ревидиран и надгледуван од независни надворешни експерти.
Нивната загриженост за влијанието што вештачката интелигенција може да го има врз човештвото во иднина е оправдано. За жал, постои вештачка интелигенција што се користи во моментов, која веќе почнува да има големо влијание и финансиски да ги уништува бизнисите и поединците.
Толку многу, што американската Федерална трговска комисија почувствува потреба да издаде предупредување за измама со вештачка интелигенција.
Користејќи вештачка интелигенција, измамниците минатата година украле приближно 11 милиони долари од доверливите потрошувачи со тоа што ги фабрикувале гласовите на најблиските, лекарите и адвокатите, барајќи пари од нивните роднини и пријатели.
- Сè што му треба на измамникот е кратко аудио од гласот на членот на вашето семејство – што може да го добие од содржина објавена на интернет. Кога измамникот ќе ви се јави, ќе звучи исто како некој што го знаете.
Овие инциденти не се ограничени само на потрошувачите. Сите бизниси за брзо време стануваат жртви на овој нов вид измама.
Токму тоа му се случило на менаџер на банка во Хонгконг, кој добил лажни повици од директорот на банката кој барал трансфер. Така, на крајот, менаџерот префрлил 35 милиони долари. Сличен инцидент се случил во енергетска фирма со седиште во Велика Британија, каде што вработен не сакајќи им префрлил 250.000 долари на криминалци, откако искористиле вештачка интелигенција за да се претстават како директор на сестра-фирма.
Сега ФБИ ги предупредува бизнисите дека криминалците користат ваква технологија за да создадат „вработени“ за далечински работни позиции со цел да добијат пристап до корпоративните информации.
Се зголемува употребата на „дипфејк“ видеотехнологијата во последниве неколку години и главно е насочена кон познати личности и политичари како Марк Закерберг, Том Круз, Барак Обама и Доналд Трамп.
Фото: Freepik