X
 15.05.2017 Култура

Ерих Фром: Уметноста на љубовта и што нѐ спречува да завладееме со неа

Германскиот психоаналитичар, филозоф и социјален психолог, Ерих Фром, во своето ремек-дело Уметноста на љубовта, тврди дека љубовта е активност за која се потребни доста знаење и труд, дека таа не е случајност, туку дека за неа е потребна извесна умешност што се стекнува со долго и напорно дејствување.

Фром пишува:

„Оваа книга сака да покаже дека љубовта не е чувство во кое кој било може лесно да се впушти, без разлика на тоа колкав степен на зрелост достигнал.

Таа сака да го убеди читателот дека сите негови обиди за љубов се осудени на неуспех, освен ако не се обиде најактивно да ја развие својата личност во целост, така што да постигне продуктивна ориентација; тоа задоволување на индивидуалната љубов не може да биде постигнато без капацитетот да се љуби својот ближен човек, без вистинска понизност, храброст, вера и дисциплина. Во културата во која овие квалитети се ретки, постигнувањето способност за љубење е ретко достигнување.“

Нашата искривена перцепција за љубовта, Фром ја смета за црно-бела:

„Повеќето луѓе проблемот со љубовта, т.е. способноста за љубов, го сфаќаат првенствено од аспект како да се биде љубен, а не како да се љуби. Според тоа, за нив проблем е како да бидат љубени, односно како да бидат допадливи за другите.

Луѓето мислат дека љубовта е едноставна, но дека е тешко да се најде вистинскиот објект на љубовта или самите да бидат објект на љубов. Овој став има неколку причини вкоренети во развојот на современото општество. Една од причините е големата промена што се случила во 20 век, а во врска со почитта кон изборот на објектот на љубовта.“

Фром прави разлика меѓу заљубеноста и љубовта како трајна состојба


„Ако двајца луѓе кои биле странци, како што сме сите ние, одненадеж допуштат ѕидот меѓу нив да се сруши и да се чувствуваат блиски, како едно, овој момент на единство е еден од најрадосните, највозбудливите искуства во животот.

За личностите кои биле затворени и изолирани, сѐ станува поубаво и чудесно. Ова чудо на изненадната интимност често е олеснето ако е комбинирано со (или иницирано од) сексуална привлечност и сексуален однос. Меѓутоа, овој тип љубов по својата природа не е траен.

Две личности добро се запознаваат, нивната блискост сѐ повеќе и повеќе го губи чудесниот карактер, додека нивните антагонизми, разочарувања, нивната заедничка досада не го убијат тоа што останало од почетната возбуденост. Сепак, на почетокот тие не го знаат сето ова: всушност, своето чувство на слепа заљубеност (да се биде луд еден по друг) го земаат како доказ за нивната љубов, додека тоа може да го докаже само степенот на нивната претходна осаменост.
Тешко дека постои некоја активност, некој потфат што е започнат со толку големи надежи и очекувања, а да биде редовно неуспешен, како што е љубовта.“

Фром додава:

„Првиот чекор што се презема е освестување дека љубовта е уметност, како што е и животот; ако сакаме да научиме како да љубиме, мораме да постапуваме на ист начин како кога сакаме да научиме други вештини, да речеме, музика, каменоделство или умешност на медицината или инженерството.

Кои се неопходните чекори при учењето на секоја вештина? Процесот на учење вештини може да биде поделен на два еднакви дела: првиот – умешноста на теоријата и вториот – умешноста на практиката. Ако сакам да ја научам умешноста на медицината, морам прво да ги знам фактите за човечкото тело и различните болести.

Кога ќе ги имам сите овие теориски знаења, јас сигурно не станувам стручен во медицинската умешност. Јас ќе станам мајстор на оваа умешност само после долготрајна практика, додека резултатите од моето теориско знаење и резултатите од мојата практика не се спојат во едно – во мојата интуиција, есенцијата за совладување на секоја умешност. 

Но, покрај учењето на теоријата и практиката, постои и трет фактор неопходен да се стане мајстор во која било умешност – да се завладее со умешноста е прашање на ултимативна заинтересираност; не смее да постои ништо друго на светот поважно од таа умешност. Ова важи за музиката, за медицината, за каменоделството – и за љубовта.

И можеби тука лежи одговорот на прашањето зошто луѓето во нашата култура ретко се обидуваат да ја учат оваа умешност покрај нивните очигледни неуспеси: и покрај длабоко вкоренетиот копнеж за љубов, речиси сѐ останато се смета за поважно од љубовта: успехот, престижот, парите, моќта – речиси целата наша енергија се користи за учење како да се постигнат овие цели, но ништо за учење на уметноста на љубовта.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура