Уметничкото дело оставено од Бенкси во ходникот на болница во Саутемптон би можело да вреди милиони кога ќе се продаде, велат експертите.
Уметничкото дело, кое Бенкси го нарече „Менувач на играта“, моментално е изложено во ходникот на третиот кат на општата болница во Саутемптон, а било поставено таму на 6 мај.
Делото прикажува момче облечено во панталони со прерамки како си игра со кукла - медицинска сестра, а во кантата за ѓубре се останатите играчки-суперхерои, Бетмен и Спајдермен.
На медицинската сестра, со заштитна маска на лицето и бела престилка на која има црвен крст, ѝ е крената раката како да лета, а носи наметка на грбот.
Бенкси рече дека се надева дека делото ќе им го разубави животот и на медицинскиот персонал и на пациентите во болницата и додаде дека по рестрикциите ќе се продаде на аукција. Парите од аукцијата ќе одат во добротворни цели.
Иан Саер, коосновач на веб-страницата „Мај арт брокер“, вели дека делото ќе вреди многу пари.
- Бенкси се врати во првите редови со уникатно дело кое на аукција може да достигне цена и над 5 милиони фунти - вели тој.
- Ова дело ги претставува нашите внатрешни чувства и надежи на младината што се стреми да биде нешто, и им оддава почит на вистинските херои кои живеат и работат меѓу нас, секој ден, наместо измислени и лажни познати икони - вели тој.
Директорката на болницата, Пола Хед, изјави дека им е огромна чест што Бенкси ги изненадил токму нив.
- Тука, во Саутемптон, нашето болничко семејство е директно погодено од трагичната загуба на саканите и почитувани членови на персоналот и пријателите. Фактот што Бенкси нè избра нас е огромна чест. Навистина делото го ценат сите во болницата - изјави таа.