Некогаш веродостојните лица на вестите, метеоролозите, сега се соочуваат со закани, навреди и клевети на интернет од страна на теоретичарите на заговори и негаторите на климатските промени, кои ги обвинуваат за лажирање на прогнозите, па дури и влијаење врз временските услови.
Корисниците на социјалните мрежи ја обвинија шпанската метеоролошка агенција дека предизвикала суша, австралиската дека ги изменила термометрите, а француската дека го преувеличува глобалното затоплување преку погрешно поставени метеоролошки станици.
- Коронавирусот веќе не е тренд. Теоретичарите на заговор кои претходно зборуваа за тоа, сега шират дезинформации за климатските промени. Тие сметаат дека научните тела се дел од естаблишментот, па сѐ што ќе кажат може да се оспори на социјалните мрежи. Тие даваат докази против она што го говорат негаторите на климатските промени, па овие се обидуваат да ги дискредитираат - изјави Александар Лопез-Борул, професор по информациски и комуникациски науки на Отворениот универзитет на Каталонија.
Од Шпанската метеоролошка агенција (АЕМЕТ), исто така, проговорија за заканите упатени кон нивните вработени. „Убијци“, „криминалци“, „ќе платите за ова“ се дел од пораките испратени од луѓе кои веруваат дека трагите од кондензацијата на авионите се хемикалии кои властите ги прскаат за да трујат луѓе или да создаваат временски непогоди.
Некои се повикувале на „Агенда 2030“, теоријата според која глобалните елити коваат заговор за да ги покорат луѓето преку ковидот и климатските политики.
- Сакате ли да ги објавиме вашите контакт-податоци и податоците од вашите фамилии - им пишува еден твитерџија на вработените во АЕМЕТ.
Лопез-Борул забележал значителен пораст на негирање на климатските промени, особено меѓу поддржувачите на крајната десница, кои на климатските промени гледаат како на левичарска тема и се противат на реформите чија цел е справување со нивното влијание.
- Луѓето немаат доверба во политичарите, судството и медиумите, а трошоците за живот растат. Во тој контекст, луѓето се чувствуваат отуѓени и на крајот ги слушаат оние што никогаш порано не ги слушале, со пораки кои директно привлекуваат емоции - вели тој.
Во друг случај, конзервативни медиуми и корисници на социјалните мрежи тврдат дека Австралиското биро за метеорологија ги фалсификува отчитувањата на температурата.
Џенифер Марохаси, која е истакнат климатски скептик, истакна дека врз основа на анализите на податоците добиени преку законот за право на пристап до информации, електронските сонди на институцијата даваат 0,7 Целзиусови степени повисока температура од старите термометри со жива.
Експертите што ги анализирале податоците велат дека тоа не е точно.
Професорот Невил Николс вели дека разликата меѓу повеќето отчитувања на електронските сонди и термометрите со жива е занемарлива - меѓу 0 и 0,1 Целзиусови степени.
По низа топлотни рекорди во март во Југозападна Франција, еден критичар на социјалните мрежи објави дека државната национална метеоролошка служба го преценила загревањето, повикувајќи се на отчитувањата на станиците во урбаните средини, каде што температурите обично се повисоки. Неговата објава беше прегледана од повеќе од 139 илјади корисници.
Но, климатолозите ги негираат тие тврдења истакнувајќи дека ограничената мрежа од 30 метеоролошки станици за кои станувало збор во објавата не е она што научниците го користат за мерење на климатските промени, а забележано е дека климата се менува и во руралните подрачја.
Извор:
Telegram