Списокот на сличности во политичките кариери на двајцата поранешни американски претседатели, Абрахам Линколн и Џон Кенеди, што се појави во меинстрим медиумите во 1964 година (една година по убиството на Кенеди), стана многу популарен на социјалните мрежи.
Животите на двајцата претседатели, а особено околностите под кои ги изгубија животите, се омилена тема на љубителите на теориите на заговор и на тие кои веруваат во реинкарнација.
Списокот со сличностите најпрво бил објавен во конгресниот билтен, а потоа и во списанието „Scientific Americаn“. Списокот е препечатен и во книгата „The Magic Numbers of Dr. Matrix“ и содржи 16 ставки. После повеќе од 50 години, оваа листа на навидум неверојатни сличности, не само што стана дел од американскиот политички фолклор, туку и знчително е надополнета, па денес има многу, сега веќе застрашувачки, „преклопувања“.
Многу од наводите се измислици, но тоа воопшто не им смета на тие кои деновиве повторно, налудничаво го лајкуваат и го шеруваат списокот по социјалните мрежи.
Колку е важна оваа тема за Американците покажува и фактот што цела низа историчари и истражувачи посветиле децении во откривањето документи и докази кои ќе ги побијат некои од „тврдењата“.
И покрај својот труд, сè уште постојат многу факти што се покажаа како точни.
Имињата на двајцата претседатели имаат по седум букви –
Lincoln и
Kennedy. Имињата на нивните наследници имаат по шест букви, и двајцата се презивале Џонсон. И не е само тоа, Ендру (Andrew), наследникот на Линколн, е роден во 1808, а на Кенеди, Линдон, во 1908 година.
Абрахам Линколн е избран за претседател во 1860, Џон Кенеди во 1960 година. Во ред, ова навистина би можело да се смета за случајност, со оглед што изборите се организираат на четири години, па не е тешко да се дојде до некои преклопувања. Како и фактот дека првиот е избран во Конгресот во 1846, а вториот точно еден век подоцна, во 1946 година.
И двајцата, притоа, многу често го цитирале Шекспир во своите говори.
Исто така, врз двајцата е извршен атентат со истрел во тилот. Во петок. Но, ниту еден од нив не почина непосредно по атентатот. Линколн беше првиот, а Кенеди последниот претседател над кој беше извршен атентат. Интересно е дека Линколн беше застрелан во театарот „Форд“, во седмиот ред, а врз Кенеди беше пукано во автомобил од марката „Линколн“ што го произведуваш е „Форд“, а кој беше седми автомобил во поворката. Атентаторот на Линколн бил роден во 1839, а на Кенеди – 1939 година.
На списокот се наоѓа и „фактот“ што секретарот на Линколн се викал Кенеди, а на Кенеди – Линколн.
Вистина е и дека Кенеди во својот кабинет имал лице со име Евелин Линкон, меѓутоа претседателот Линколн имал двајца секретари и ниту еден не се викал и не се презивал Кенеди, а имињата им биле Џон Хеј и Џон Николеј.
Некој се сетил и да ги преброи буквите во имињата на атентаторите и се заклучило дека и двајцата имаат по 15 букви и дека биле познати по три имиња. Атентаторот на Линколн се викал Џон Вилкес Бут, а убиецо на Кенеди – Ли Харви Освалд.
Нели ова се возбудливи факти? Случајноста во продолжението од овој текст е „најлуда“ од сите досега. И најнеточна.
Недела дена пред убиството, Линколн бил на одмор во Монро, Мериленд, а Кенеди, исто така, недела дена пред атентатот бил на одмор со Мерлин Монро.
Оваа „случајност“ е најлесна за соборување, со оглед што актерката починала во 1962, една година пред атентатот на претседателот на САД.
Американците се многу наклонети на разни приказни од доменот на политичкиот фолклор. Така, во пресрет на секои избори редовно се зборува за парче од женската облека, поточно за здолништа чија должина наводно одредува која партија ќе добие претседател во Белата куќа. Во годините кога во мода се подолги здолништа со построга кројка, сигурно победуваат републиканците, а кога модата диктира пократки здолништа, таа им ја носи победата на демократите.
Уште двајца американски претседатели починале како последица од атентати. По само пет месеци поминати во Белата куќа, на почетокот на јули 1881 година, душевно болен човек пукал врз претседателот Џејмс А. Гарфилд, кој починал по два месеци.
Претседателот Вилијам Макинли го застрелал еден анархист на отворањето на саемот во Бафало, во септември 1901 година, а починал осум дена подоцна.
Знаеме дека Америка имала и вице-претседатели со презиме Рузвелт, а помалку е познато и дека имале и двајца со презиме Адамс, двајца Џонсон и двајца Харисон. Иако Барак Обама е 44. претседател, таа функција всушност досега ја извршувале 43 лица. Гровер Кливленд бил 22. и 24. претседател и единствениот кој служел во два мандати што не биле еден по друг.