X
 15.06.2022 Живот

Бумерите веруваат дека милениумците не можат да си купат домови поради „Нетфликс“ и кафето за носење

Бејби-бумерите мислат дека милениумците што не можат да купат сопствен дом треба да ги откажат претплатите на „Нетфликс“ и да прекинат да купуваат нешта за носење.

Повеќе од половина од бумерите (луѓето родени во периодот меѓу 1946 и 1964 година), односно 52 отсто, веруваат дека „луксузниот“ животен стил на младите е виновен за неможноста да заштедат доволно пари.

Во студијата на Кралскиот колеџ во Лондон е наведено дека бумерите, меѓу причините зошто младите не можат да си купат дом, ги навеле кафето и храната за носење, мобилните телефони, „Нетфликс“ и патувањата во странство.

Сепак, според Боби Дафи од колеџот, трошоците за живот се занемарливи во споредба со огромните зголемувања на цените на домовите и бараните депозити.

- Сугестијата дека огромните предизвици со кои се соочуваат младите при купувањето сопствен дом може да се реши со прескокнување фенси кафиња и „Нетфликс“ целосно ја промашува поентата, но во неа верува половина од публиката. Тоа, исто така, ја рефлектира општата тенденција да мислиме лошо за денешните млади лица. Низ историјата луѓето секогаш мислеле дека младите во тој момент се најлошите на сите времиња - вели тој.

Вкупно 48 отсто од Британците мислат дека младите лица трошат премногу пари од приходите на кафе и храна за носење, мобилни телефони, одмори во странство и претплати. Ист процент милениумци се согласуваат со тој став, како и 43 отсто од припадниците на генерација Z.



Според студијата, четвртина од испитаниците на возраст од 25 до 34 години со просечни приходи имаат свој дом, што е намалување во споредба со 1995 година, кога една третина од населението на таа возраст имало сопствен дом.

Поголемиот дел од јавноста верува дека младите денес се соочуваат со повеќе финансиски борби во споредба со генерациите на нивните родители, па 76 отсто се согласуваат дека купувањето дом сега е потешко за младите.

Истовремено, 68 отсто веруваат дека е потешко младите да штедат за иднината, а 65 отсто мислат дека денес на младите им е потешко да платат за високо образование.

Студијата покажала дека 76 отсто од испитаниците се согласуваат оти луѓето помлади од 40 години не можат да си дозволат да купат сопствен дом поради проблеми како високите цени на домовите, постриктните правила за кредитирање и статичните плати.

- Обично за младите мислиме дека се мрзливи и половина од луѓето велат дека младите се помалку мотивирани за работа од старите. Но, имаме подобро мислење за младите од нашата младост: само 29 отсто мислат дека младите биле помалку мотивирани од постарите работници кога ние сме биле млади - вели Дафи за „Тајмс“.

Извор: 9gag
Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот