„Овде живеел Макс Лиф. Роден 1885. Депортиран 1942. Убиен во Аушвиц“, пишува на еден од 60.000 „камења на сопнување“ поставени низ Европа во знак на сеќавање на жртвите од холокаустот. Сите овие споменици изработени од месинг ги поставил уметникот и скулптор
Гинтер Демниг.
Првиот „камен на сопнување“ (stolpersteine) го заѕидал во една улица во Келн, а потоа и во Берлин, Полска, Австрија, Холандија, Украина, Унгарија и на други места до каде што стигнала нацистичката чизма. Демниг стигнал и до Риека, Хрватска, каде што поставил четири споменици за семејството Липшиќ, кое настрадало во Аушвиц.
Сите тие се дел од повеќе од шест милиони жртви убиени во текот на Втората светска војна. Демниг се родил две години по завршувањето на војната, па како и повеќето Германци тогаш, ги прашал своите родители за нивната улога во Хитлеровиот Рајх. Со таткото не разговарал пет години кога дознал дека бил дел од противвоздушната одбрана. Целиот живот го посветил на уметноста, преку која се обидува да ги сочува сеќавањата на жртвите од погубната нацистичка идеја.
Кога во пролетта 1990 година го обележал патот по кој нацистите во Келн прогониле 1.000 Роми, една жена му тврдела дека таму никогаш не живееле Роми. Така сфатил колку луѓето не знаат за злосторствата што се случувале на местата каде што живеат или работат. Така и се родила идејата за овој проект. Сакал на луѓето да им го сврти вниманието дека можеби токму во улицата каде што живеат или во нивната куќа некогаш живееле Евреи, Роми, хомосексуалци и сите други што завршиле во логорите на смртта затоа што не биле погодни според идејата за чиста ариевска раса.
Целиот живот го посветил на овој проект, а информациите главно ги добивал од Хамбуршкиот институт за историја на германските Евреи или од наследниците на жртвите. За да може да го реализира проектот, тој на нарачателите им наплаќа по 120 евра преку
својата страница. Исто така, ги повикува луѓето да му помогнат при добивање на потребните дозволи за местата каде што ги поставува спомениците.
Иако за својата работа добивал награди, има и луѓе што сметаат дека е непримерно неонацистите со своите чизми да ги газат спомениците на жртвите. На тоа Демниг вели дека на тој начин тие ги „гланцаат плочките за да светат уште посилно“, а секој што сака да го прочита написот на нив, мора да се наведне и на тој начин да се поклони пред жртвите.
За жал, некои ги оштетуваат, ги бојат или на друг начин ги уништуваат плочките. На пример, непознати сторители тргнале 20 „камења на сопнување“ од улиците во Берлин, како што е наведено во германскиот „
Ноиз“.
За среќа, во Германија има и такви што водат сметка за овие споменици. Тие секој 9 ноември ги чистат овие плочки во знак на почит кон жртвите. На тој начин се сеќаваат и на сите ужаси на националсоцијалистичкиот режим и покажуваат дека ги има во поголем број од сè погласните неонацисти.