X
 15.08.2018 Наша тема

Стружанката Билјана Мојсоска ги истражува антибиотиците во врвни научни институции во Данска

За време на постдокторските студии работела со бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која ги напаѓа горните и долните дишни патишта на пациенти што имаат цистична фиброза

Македонија има многу успешни млади научници кои буквално растураат на светската научна мапа, а една од нив е и 31-годишната стружанка Билјана Мојсоска.
Дипломските студии по молекулaрна биологија и хемија ги завршила на Универзитетот во Роскилд, Данска, како најдобар студент на генерација. Токму поради ова, ѝ била доделена државна стипендија за магистерски студии на истиот факултет. Таму и докторирала на насоката Микробиологија и органска хемија, а една година работела во Националниот институт во Беркли (Lawrence Berkeley National Laboratories), заедно со д-р Роналд Зукерман, пионер во истражувањето на вид потенцијални антибиотици наречени пептиди.

Постдокторските студии ги поминала во главната болница во Копенхаген, при одделот за клиничка микробиологија, а сега започнала да работи како главен истражувач во академска стартап-компанија во Копенхaген.


Билјана Мојсоска

Живеете во Данска. Што Ве однесе надвор од Македонија?

- Морам да признам дека кога е помлад, полесно е човек да се одлучи да замине надвор од својот дом и доволна е мала мотивација за да се направи првиот чекор. Уште од мали нозе, при секое читање на текст во книгите по биологија и хемија, бев љубопитна да најдам одговор на прашањата од областа на природните науки. Бидејќи се запишав во средното училиште „Јахја Кемал“ во Струга, од тимот на интернационалните наставници добив поддршка и мотивација да најдам одговор на прашањата во поголем размер. Со раното усовршување на англискиот јазик во областа на природните науки внимателно се подготвував за новите предизвици што се развија во средношколските денови за да ги започнам дипломските студии надвор од Македонија.

Искрено, отсекогаш сум ги следела светските истражувања и при секој разговор со луѓе што се занимаваат со наука во Македонија нивниот совет беше дека науката во Македонија има свои ограничувања. И дека ако мојата мотивација е силна, треба да пробам да студирам во држави каде што науката е поддржана во повисоки рамки/норми. Предизвикот да заминам од Македонија беше голем, но добив поддршка од целата моја фамилија за да го искористам мојот потенцијал на места каде што би имала поголеми можности. Аплицирав на факултетите во Мајами и во Роскилд, насока Биохемија и молекуларна биологија и хемија, каде што и бев примена. Иако беше тешко да донесам крајна одлука каде да заминам, се решив за земјата на викинзите. Сепак, Европа е поблиску до дома.

Практично целото високо образование и последипломските студии ги стекнавте во Данска. Како се одвиваше оваа авантура?

- Дипломските студии по молекулaрна биологија и хемија ги завршив во факултетот во Роскилд (Roskilde University). По дипломирањето бев одбрана за најдобар студент на генерација. Поради тоа, ми беше доделена државна стипендија за да продолжам со магистерски студии по молекуларна биологија и хемија на истиот факултет во соработка со професори од Институтот за медицина во Копенхаген, со кои го изработив магистерскиот труд. Како студент што доаѓа од држава што е надвор од Европската Унија, стипендирањето беше одлична можност. По магистрирањето добив понуда да ги започнам моите докторски студии, кои траеја 4 години, на истиот факултет, насока Микробиологија и органска хемија. Бев стипендирана од факултетот во Беркли, па една година од докторските студии ги поминав во Националниот институт во Беркли (Lawrence Berkeley National Laboratories) во Калифорнија. Таму работев со д-р Роналд Зукерман, пионер во истражувањето на вид потенцијални антибиотици наречени пептиди.

По завршувањето на докторските студии продолжив како асистент на факултетот и наредниот чекор од мојата научна кариера го направив започнувајќи постдокторски студии во главната болница во Копенхаген, на одделот за клиничка микробиологија - Novo Nordisk Foundation Center for Biosustainability.
По две и пол години работејќи како постдокторанд, само што го завршив ова патешествие, почнав како главен истражувач (Senior Research and Development specialist) во академска стартап-компанија во Копенхaген. Тоа се моите 12 години во неколку реченици.


Со нејзината мајка при една од посетите во Копенхаген

Што е специфично за високото образование во Данска, што Ве импресионира? Има ли нешто што сметате дека треба да се подобри?

- Повеќе работи ме импресионираа во високото образование во Данска. Прво и според мене најважно е тоа што сите студенти при државните факултети во Данска имаат право на слободно студирање. Покрај тоа што студиите се бесплатни, без разлика на кој факултет си примен, секој студент има право на државна стипендија, без разлика на просекот. Оваа стипендија трае дури и ако еден студент се одлучи да земе пауза од студиите и да работи нешто сосема друго или, пак, ако одлучи да почне нов факултет. Тоа, исто така, е одобрено и финансирано од државата. Покрај стипендиите, студентите имаат голем процент на намалување на патните трошоци, кои исто така се покриени од државата. Целиот овој систем им дава флексибилност на данските студенти да одберат факултет што е од нивен интерес. Ако не ги бидува за научни истражувачи, тогаш можат да сменат и да станат инженери. Друго нешто е самиот систем за високо образование. Програмите постојано се адаптираат според најновите истражувања од областа на науката. Согласно тоа, се користат најнови книги и протоколи за студентите да бидат во тек со развојот на областите што ги изучуваат.

Бидејќи сте таму веќе 12 години, верувам дека добро ги познавате и основното и средното образование на данскиот систем. Какви се споредено со нашите?

- За основното и за средното образование не знам многу од мое искуство. Но, од разговори со моите колеги кои ги школуваат своите деца во Данска знам дека образовниот систем е различен од македонскиот. Како дел од образовната структура, учениците во државните училишта имаат поголем пристап до дигитална технологија во пораните години на школување. Техничките школи се добро опремени со лаборатории каде што учениците имаат можност да добијат hands-on искуство.


Тимот со кој работела како постдокторанд

Да Ве вратам на студиите, на што конкретно работевте на магистерските и на докторските студии?

- Магистрирав на отсекот Молекуларна микробиологија и хемија, а магистерскиот труд го изработив на темата за користење антимикробни пептиди за неутрализација на вируси и заштита од вирусни инфекции.
Докторските студии ми беа фокусирани на пронаоѓање нови видови антибиотици од видот на пептиди и изучување на начинот на кој овие антибиотици ги елиминираат Грам-негативните бактерии. За време на докторските студии објавив пет труда, од кои едниот е во Nature, Scientific Reports. Сѐ уште соработувам со професорот кој ми беше ментор на докторскиот труд и наскоро ќе објавиме уште неколку нови студии во врска со пошироката употреба на овој вид антибиотици.


Со колегите постдокторанди работела на бактеријата Pseudomonas aeruginosa

За време на постдокторските студии работев со одредена бактерија, Pseudomonas aeruginosa, која ги напаѓа горните и долните дишни патишта на пациенти што имаат цистична фиброза. Цистична фиброза е генски наследна болест предизвикана од мутација (постојат повеќе од 200 различни мутации) на генот за протеинот наречен цистична фиброза трансмембрански спроводен регулатор (ЦФТСР – CFTR). Бидејќи овој протеин се произведува во разни органи во телото, неговата нефункционалност доведува до разни деформации и затоа оваа болест е мултисистемска. ЦФТСР служи за транспорт на јони на натриум и хлор во клетките и оваа функција е многу важна за одржување нормални секрети, преку кои се отфрлаат различни видови бактерии од нашиот организам. Кај заболените лица од ЦФ овој процес не функционира нормално и како резултат на дехидрација, се формираат густи, вискозни секрети. Притоа најмногу страда респираторниот систем.

Клетките во респираторниот систем произведуваат течности кои служат за прочистување на дишните патишта од надворешните загадувања и од бактерии што ги вдишуваме. Кај заболените од ЦФ оваа способност е нарушена и доаѓа до формирање на густ и леплив секрет кој се налепува на дишните патишта и во кој бактериите можат лесно да се размножуваат. Од 4 вида најзастапени бактерии кај овие пациенти, најопасна е бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која ги напаѓа горните и долните дишни патишта. Антибиотиците можат да го намалат бројот на овие бактерии и да ја забават хроничната инфекција, но најчесто и со коктел од јаки антибиотици оваа бактерија не може целосно да се отстрани од организмот.

Коктелот од антибиотици што лицата со ЦФ најчесто секојдневно го примаат заедно со други лекови, сепак, има важна улога во одложување на појавата на болести на белите дробови. Уште одамна научните истражувања се фокусираа на откривање по кој еволуциски пат бактеријата Pseudomonas aeruginosa предизвикува хронични заболувања и зошто е резистентна на разни видови антибиотици. Адаптацијата на овој тип бактерија е генска (промени во ДНК-та), при што многу функции се или изгубени или добиени за успешно да преживее во новата околина. Поради ова, различни клонови на овие бактерии имаат различни карактеристики, што се манифестира преку помала или поголема резистентност кон антибиотиците.


Бидејќи бактеријата е критична кај овие пациенти, во моите две и пол години работа при главниот центар за дијагностика во главната клиника во Копенхаген имав можност да придонесам со моето знаење при разбирањето на резистенцијата на антибиотици, како и перзистенцијата на оваа бактерија кај млади пациенти кои се хронично заболени најмалку 8 години со оваа бактерија.
Во истражувањето користиме иформации од целосно секвенциран геном од секоја бактерија од секој пациент што доаѓа на преглед месечно. Примероците се чуваат и со нив работи тим од седум постдокторанди-научници, од кои сум дел и јас, на откривање генски и негенски маркери за разбирање на начинот на кој овие батерии доаѓаат во системот и не можат да се елиминираат иако пациентите постојано употребуваат повеќе видови антибиотици во разни комбинации.

Споменавте дека сте објавиле повеќе научни трудови. Какво е Вашето искуство на ова поле?

- Списанијата со подобро реноме бараат новитети и висок ранг на резултати кои се подготвуваат со добар тим на научници во лаборатории опремени со врвна технологија. Важен фактор, според моето искуство, е и нивото на соработка со тим на научници од интернационални институции, бидејќи секоја убава соработка носи подобар труд. Мојот прв труд излезе при моите рани дипломски студии, а подоцна за време на докторските студии публикував 5 труда, а уште два се на пат. Во постдокторските студии наскоро ќе се публикуваат два труда. Се радувам со тоа што секој мој последователен труд е во журнал со повисок импакт-фактор. Го сакам тој начин на градуален успех.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема