X
 15.09.2018 Живот

Чудната исхрана на 4 светски научници

Ако некој е доволно успешен, луѓето нема да ги имитираат само неговите идеи. Без разлика дали станува збор за Илон Маск или Бенџамин Френклин, љубопитната публика сака да ги знае нивните навики во работата, во спиењето, омилените книги, па дури и што јадат, со надеж дека ќе достигнат сличен успех. Во најмала рака, следењето на навиките на успешните може да ни даде единствена перспектива за нив како луѓе. Затоа, во продолжение прочитајте нешто повеќе за исхраната на четворицата најголеми научници во историјата.

ishrana

Питагора


Грчкиот филозоф и математичар, кој живеел во текот на 6 век пр.н.е, имал најбизарна исхрана. Тој основал училиште во Сицилија што веднаш привлекло 500 приврзаници кои ентузијастички ги следеле неговите принципи. Главниот принцип била доктрина позната како метемпсихогза, која вели дека кога човек ќе умре, неговата душа оди во телото на друг животински вид. Затоа Питагора избегнувал да јаде месо, па тој и неговите следбеници биле вегетаријанци. Исто така, Питагора забранил јадење грав - всушност, тој не сакал на никаков начин да се уништува гравот. Тој бил толку против уништување на гравот што легендата вели дека бил убиен додека бегал од неговите непријатели бидејќи не сакал да помине низ поле со грав. Зошто Питагора го избегнувал гравот? Одговорот и понатаму е мистерија.

Чарлс Дарвин


Англискиот натуралист и биолог, најпознат по својата теорија на еволуцијата преку природна селекција, бил експерт за разновидното место од животинското царство. Кога бил студент во Кембриџ, бил член на клубот „Глутон“, група студенти што јаделе „чудно месо“ - од јастреб и був. Но, кога Дарвин отпловил, светот бил негово мени: јадел армадилос, морско свинче и агути.

Меѓутоа, во подоцнежните години Чарлс Дарвин често страдал од вртоглавица, надуеност, грчеви во мускулите, повраќање, главоболки и анксиозност, а во еден момент морал да престане да работи поради неговото лошо здравје. Тогаш неговиот лекар го ставил на диета, за која рекол дека половина го изгладнувала до смрт, но правела да се чувствува подобро. Освен што избегнувал скроб за да ја сведе стомачната киселина на минимум, тој земал 10 капки муријатна киселина (хлороводородна киселина) двапати дневно, со што му се подобрувала состојбата.

Никола Тесла


Тесла е омилениот научник на сите времиња. Тој имал важен придонес во технологијата, имал беспрекорно чувство за стил, а Марк Твен и Радјард Киплинг биле негови пријатели. Но, менталното здравје на Тесла страдало во неговите подоцнежни години и тој станал опсесивен и со својата работа и со хигиената. Ова се проширило и на неговата исхрана.

- Мојот режим за добар живот и моја исхрана? Па, пијам многу млеко и вода, јадам два оброка дневно и избегнувам производи што произведуваат киселина. Речиси секој јаде многу грашок и грав и други видови храна што содржат урична киселина и други отрови. Јас јадам свеж зеленчук, а ретко риба и месо. Рибата е одлична храна за мозокот, но има многу силна киселинска реакција бидејќи содржи многу фосфор.

Што се однесува до физичката активност, тој пешачел од 12 до 16 километри дневно и вежбал во бањата. Ретко спиел.

- Понекогаш заспивам еден час. Повремено, еднаш на неколку месеци, спијам четири или пет часа, а потоа се будам буквално полн со енергија, како батерија.

Алберт Ајнштајн

Името на Ајнштајн е синоним за гениј, па токму поради тоа самото име привлекува митови за неговиот живот: бил лош ученик (лага), бил атеист, бил христијанин (ниту едно од овие не било точно) и бил вегетаријанец. Ова последново е точно, но доколку се сметаат последните неколку години од неговиот живот. Ајнштајн јадел месо во текот на животот.

- Отсекогаш јадев животинско месо со малку вина - напишал тој во писмото од 1953 година.

Тој често страдал од дигестивни проблеми, кои неговиот лекар ги третирал со балансирана исхрана на месо и едноставни јаглехидрати. Но, кога се разболел на 70 години, лекарот целосно го отфрлил месото од неговата исхрана. Една година пред да почине му напишал писмо на својот соработник Ханс Муесам:
- Живеам без масти, без месо, без риба, но се чувствувам сосема добро. Отсекогаш ми се чинеше дека човек не бил роден да биде месојад.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот