Непал и Кина постигнаа договор да спроведат заедничко точно мерење на највисоката планина на планетата Земја – Монт Еверест, што се наоѓа на границата меѓу тие две држави.
Причината за новото мерење на највисокиот врв, чија официјална височина е 8.848 метри, се претпоставките на геолозите дека поради силниот земјотрес во Непал од 2015 година, врвот може и „да се снижил“.
Договорот за заедничко мерење е постигнат при посетата на претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, на Непал, одржана на 12 и 13 октомври.
- Поаѓајќи од фактот што планината Жумулангма претставува вечен симбол на пријателството меѓу Непал и Кина, двете земји ќе развиваат соработка во разни области, меѓу кои и решавањето на проблемите поврзани со климатските промени и зачувувањето на животната средина. Заеднички ќе биде објавена и височината на врвот, откако на него ќе бидат спроведени научни испитувања - се нагласува во официјалното известување, потпишано од двете страни.
Жумулангма е кинескиот ендоним на планината, што пак, на тибетски се нарекува Чомолунгма, а на непалски – Сагармата.
Претходно и Индија изрази подготвеност да им понуди помош на непалските власти при точното мерење на височината на планината Монт Еверест.
Извор: МИА