X
 15.10.2021 Наша тема

Изложба на Тхе Мичо во Португалија: Луѓето треба да се олабават и да почнат да играат игри

Деновиве се одржува фестивалот за друштвени игри во Вијана, така што во рамките на тој фестивал екипата успеа да организира и моја изложба, која ќе трае еден месец. На изложбата се презентирани претежно илустрации од игрите на кои сум работел и уште неколку работи кои на некаков начин, исто така, се поврзани со игрите. Стрипови, постери, плакати за промоции и слично, споделува Тхе Мичо

Михајло Димитриевски, попознат под псевдонимот Тхе Мичо, деновиве е актуелен со својата изложба во Вијана, Португалија. Неговите илустрации ќе бидат поставени во Вијана до Кастело (Viana do Castelo) до 2 ноември, како дел од конвенцијата за игри Вијана Кон.
Тхе Мичо е автор на друштвени игри, стрипови, многубројни илустрации, анимирани филмови, првиот долгометражен македонски цртан филм, а е и арт-директор на „Светот на Биби“.



Актуелни сте со изложбата поставена во Вијана... Како дојде до соработката со Рикардо Фереира?

- Соработката дојде по пријателско/дописна линија. Со Рикардо Фереира немав можност лично да се запознам, ама подолго време се допишуваме на тема друштвени игри. Рикардо е организатор или еден од организаторите на Вијана Кон и обожавател на друштвени игри, така што пред некоја година ме контактираше за некои изложби кои ги работи и оттогаш сме пријатели. Инаку, инсистира да учествувам како гостин на фестивалот, со предавање и работилница, ама претходно поради обврски, а сега поради пандемијава, никако да отидам. Се надевам дека наредната година ќе успеам да ги испочитувам како што тие ме почитуваат мене. Инаку, навистина сакаат да им бидам гостин затоа што сцената на друштвени игри во Португалија е голема.



Колку и какви илустрации се изложени во Вијана и кој е лајтмотивот на изложбата?

- Изложбата е посветена на моите илустрации во областа на друштвените игри, по што и најмногу ме знаат надвор, претпоставувам. Имам среќа и привилегија моментално да ме сметаат за еден од подобрите уметници на сцената иако јас лично мислам дека има далеку, далеку подобри од мене. Овие денови е фестивалот за друштвени игри во Вијана, така што во рамките на тој фестивал екипата успеа да организира и моја изложба, која ќе трае еден месец. На изложбата се изложени претежно кавери од игрите на кои сум работел и уште неколку работи кои на некаков начин, исто така, се поврзани со игрите. Стрипови, постери, илустрации за промоции и слично. Не сум сигурен колку точно дела се изложени, ама знам дека се само мал фрагмент од сето она што сум го работел и работам досега во оваа област.



Кога би направиле една паралела, колку уметноста на игрите е развиена надвор од Македонија, а колку во Македонија?

- Паралела нема. Игрите, стриповите и слично се работи за среќни луѓе. Кога на крајот од денот или неделата ќе ги завршиш обврските и можеш да се посветиш на нешто што ќе те олабави или опушти. Кај нас малку потешко оди тоа затоа што сме обременети со сè, евидентно. Инаку, во делот на друштвените игри не сме толку назад - кај нас постојат неколку издавачки куќи кои високо котираат на светскиот пазар. Дел од илустрациите за игрите, исто така, е изложен на изложбава. Така што во делот на производство и на креатива не сме лоши, ниту поназад. Е во делот на играње не котираме баш високо, ама ете и овој текст нека биде како мотив луѓето барем малку да се олабават и да почнат да играат игри.



Од што е фасцинирана странската публика кога станува збор за Вашите илустрации?

- Искрено, не знам зошто толку се фасцинираат од моите илустрации бидејќи никогаш не сум имал баш некое критичко или арт-мислење за моите работи. Сакам да се забавувам и преку илустрациите да им пренесам на луѓето барем дел или момент на среќа од моите секојдневните обврски. Според некои коментари, ги освежил можеби мојот несекојдневен пристап - иако пак ќе кажам, голем дел од моите колеги од странство се фантастични мајстори и навистина ми е голема чест и привилегија што можам да комуницирам со нив.

Да се реализира изложба од вакви размери е вистинско достигнување. Што претставува за Вас овој проект и каков поттик Ви дава за понатаму?

- Веројатно е. Не дека нешто многу се намачив, освен делот со цртање, ама тоа ми е професија. Вистинскиот мачен дел околу организирање и бркање работи, сепак, мајсторски и супер си го завршија луѓето кои го организираат сето ова и јас сум им благодарен. И се надевам дека догодина ќе се видам лично и ќе ги честам ветеното кафе. За понатамошен поттик уште не размислувам затоа што имам еден куп проекти што морам да ги завршам. Па откако ќе средам тоа, ќе фантазирам за потаму :)



Дали има амбиции изложбата да продолжи... Која е Вашата посакувана следна станица?

- Апсолутно никакви амбиции немам за изложби понатаму. Многу ми е мачен целиот тој процес на организација и слично. Од друга страна, не би одбил кој и да ме повика, ама под услов, како што и начелно работат луѓето, јас баш да не се вклучам многу околу сето тоа, освен уметничкиот дел. Следна дестинација може да биде каде што ќе ме викнат - Олевени или Даблин, апсолутно немам проблем. Битно е да се дружиме. Во меѓувреме, сите информации ги споделувам овде.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема