X
 15.11.2019 Наша тема

Наставниците повеќе да ги мотивираат девојчињата да се занимаваат со технички науки, вели наградената матурантка Евгенија

Матурантката од средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола освои златна макета за изработка на нова CNC-машина, која може да им помогне на копаничарите за побрза и попрецизна изработка на нивните дела



Евгенија Дивитарова е матурантка во средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола. На последната „Макинова“ - изложба на пронајдоци, технички унапредувања и нови производи таа доби златна плакета за креацијата на CNC-машина, за што ѝ требале околу шест месеци. Ја сака науката и посакува што повеќе млади, а особено девојки да се занимаваат со истражувања во различни области.

- Годинава се претставив со CNC-машина (Computer Numerical Control), која е со две функции и која му ја олеснува работата на човекот. За извeдување на целиот процес е потребен само еден човек. Машината е многу прецизна, тоа можe да се забележи во изработките што ги имав направено за презентирање пред комисијата. На пример, на копаничарите ако им се потребни неколку дена или недели да направат некоја слика, со оваа машина ќе можат тоа да го сторат за неколку часа или за неколку дена. Притоа машината може да работи без престан дури и по неколку дена, а обично знаеме дека просечен човек може да работи континуирано од 6 до 8 часа, но машината може повеќе, а целата слика би била многу прецизна и би се изразиле повеќе ситните делови кои човекот не може да ги изработи до таа мера. Тоа особено може да се види при гравирањето фотографии - објаснува Евгенија.


Евгенија со својата менторка Билјанка Христовска

Со натпревари почнала уште во основното училиште, во областа бродомоделарство, за кое освоила многу награди, од кои најзначајната била прво место на државен натпревар.
- Таму бев единственото девојче што учествуваше во таа област со моделот на бродот „Титаник“. Имав изработено повеќе макети на бродови додека се натпреварував во оваа област и ми донесоа повеќе награди. Кога преминав во средно училиште, бидејќи повеќе не можев да се натпреварувам во истата област, барав област која е сродна со тоа што го учам во моето училиште. Тогаш почнав да се натпреварувам во областа на автоматиката и така почнав со наједноставна CNC-машина. Годинава направив една од посложените машини што имаат примена во индустријата - објаснува Евгенија.


И претседателот Пендаровски се увери во вредното дело на Евгенија

Најмногу ја привлекува предметот автоматика. Вели дека има голема поддршка од семејството, а особено од нејзината менторка Билјанка Христовска.
- Науката, според мене, е поле каде што секој, вложувајќи труд, може да придонесе во различни области. Се надевам дека со овие награди ќе ги мотивирам и другите млади да вложуваат повеќе во науката бидејќи, според мене, во тоа е иднината - вели Евгенија.

Ја прашавме за мислење зошто девојките ги има во мал број во техничките науки.
- Мислам дека кај нас уште постојат некои стереотипи дека техниката и инженерството се „машка професии“. Можеби девојки кои се занимаваат со овие области би требало почесто да имаат предавања во училиштата и да им го пренесат нивното искуство. Потребна е и поголема свесност во училиштата и професорите повеќе да ги мотивираат. Во нашето училиште професорите се трудат да го сменат тоа и сѐ повеќе да ги вклучуваат девојчињата - категорична е Дивитарова.



Таа планира да го продолжи своето образование во Словенија, но сѐ уште нема избрано факултет. Вели дека размислува и за факултет во сосема друга област.



Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема