Анестезиолози, невролози, општи интернисти, радиолози, специјалисти по медицинска биохемија и педијатри. Ова е топ-листата со најпотребните специјалисти во македонскиот здравствен систем
Ја најдовме топ-листата со најпотребните специјалисти во македонскиот здравствен систем, пишувавме за најстарата вело-група во Македонија, а Евгенија Дивитарова, матурантка во средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, ни раскажа како ја направи CNC-машината која освои златна плакета на последната „Макинова“ - изложба на пронајдоци, технички унапредувања и нови производи. Пишувавме и за научниците од Македонија кои ги напишаа најитните прашања што треба да се решат во високото образование.
Анестезиолози, невролози, општи интернисти, радиолози, специјалисти по медицинска биохемија и педијатри.
Ова е топ-листата со најпотребните специјалисти во македонскиот здравствен систем, или најмногу ни фалат вакви лекари, според последната анализа на Министерство за здравство. Пациентите го чувствуваат недостигот - многумина мора да патуваат за да ги прегледа потребниот специјалист, а треба да чекаат подолго и за преглед и за операција. Го чувствува и вработениот медицинскиот персонал, кој многу често мора да го покрива недостигот на стручен кадар. А, дополнително, проблем знае да биде и распоредот на доктори по делови од државата. Здравствените власти се надеваат дека ќе успеат да го решат овој општествен проблем, таложен со децении поради цела низа погрешни здравствени политики.
Ова е најстарата вело-група во Македонија. Идејата почнала од двајца вљубеници во возењето велосипед, а по седум години Exploring Macedonia Tour има 3.000 члена. Првата тура што ја извозеле изнесувала 60 километри, кога Блаже Димовски и Борис Петрушевски извозеле до Катлановска Бања. Веднаш потоа направиле фејсбук-група и започнала вело-авантурата.
- Ние сме најстарата вело-група во Македонија и со најголем број остварени тури. На нашата табела има околу 700 бајкери/ки. Секако, договарање за тури и дружби со и без велосипед се секогаш во рамките на нашата група, во која членувањето е бесплатно. За секоја тура постои информација. Не е секој член за секоја тура, има полесни и потешки. Редот е да се почне со помала, па поголема и поголема – објасни Димовски за Факултети.мк.
Правилник за систематизација на работните места, избор на редовни и вонредни професори, доценти и наставно-научни звања. Единаесет седници на наставно-научниот совет, 16 на деканската управа, фокус на преговори за обезбедување пари за капиталните инвестиции, зголемување на меѓународната соработка и аплицирање на меѓународни проекти, но и правните пречки со кои постојано се соочувале од денот кога стапил во сила Законот за високо образование... Ова е дел од извештајот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за изминатата академска година.
Филозофскиот факултет може да се пофали и со гостување од 146 професори од странство, а 150 професори од Филозофски биле на 98 на меѓународни конференции, 18 предавања на странски универзитети, 13 проектни посети, 4 предавања на европски универзитети и 17 мобилности заради иницијативи за заеднички меѓународни наставно-научни активности
Ја запознавме и успешната матурантка
Евгенија Дивитарова која учи во средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола. На последната „Макинова“ - изложба на пронајдоци, технички унапредувања и нови производи таа доби златна плакета за креацијата на CNC-машина, за што ѝ требале околу шест месеци. Ја сака науката и посакува што повеќе млади, а особено девојки да се занимаваат со истражувања во различни области.
- Годинава се претставив со CNC-машина (Computer Numerical Control), која е со две функции и која му ја олеснува работата на човекот. За извeдување на целиот процес е потребен само еден човек. Машината е многу прецизна, тоа можe да се забележи во изработките што ги имав направено за презентирање пред комисијата – ни објасни Евгенија.
Научниците од Македонија апелираат до институциите дека наскоро ќе биде доцна и за реформи! Повеќе од десет години државата не финансирала национални научноистражувачки проекти. Високото образование и науката во Македонија се во исклучително тешка состојба. Има голем недостиг на научен кадар, а академскиот има низок социјален статус. Неопходни се итни суштински промени.
Ова се неколку поенти од заедничка изјава што произлезе од работилницата под наслов „Предизвици на патот на македонските универзитети кон европската истражувачка зона и Шангајската листа“, која на почетокот од месецов се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии, а ја иницира алумни-асоцијацијата „Хумболт и ДААД клуб – Македонија“. Изјавата досега ја потпишаа 30 реномирани професори и научници од земјава, а бројката се зголемува. Тие ги повикуваат надлежните институции во Македонија, Владата, Министерството за образование и наука, Министерството за финансии, МАНУ и раководствата на универзитетите да ја согледаат алармантната состојба во високото образование и науката и неодложно да ги имплементираат препораките на овој академски форум.