X
 15.11.2020 Живот

Како да го вежбате мозокот за успех?

Пандемијата на коронавирусот им донесе многу шанси на многумина да го сменат животот. Додека се обидуваме да се адаптираме на „новата нормалност“, нема подобро време да се зборува за менталните способности.

Одржувањето на физичкото здравје е важно, но исто така е важно и одржувањето на менталното здравје, како и вежбањето на мозокот. За среќа, можно е да се одржува мозокот во форма слично како и мускулите. Потребно е да се препознаат стратегиите и да се вежбаат секојдневно. Кога ќе успеете да го вежбате мозокот за успех, ќе бидете способни за сè.

Нашите внатрешни дијалози најчесто се поинакви од начинот на кој зборуваме со луѓето. Ова е особено точно кога станува збор за перфекционистите. Обидете се да внимавате да не станете премногу самокритични. Наместо да се обвинувате себеси за одреден неуспех или грешка, пробајте да се советувате себеси на истиот начин на кој би советувале близок пријател.


Фото: Freepik

Впрочем, преголемата строгост кон себе може негативно да влијае врз вашите способности. Повеќе истражувања покажале дека однесувањето кон себе со разбирање и сочувствителност е најдобар начин за вежбање на мозокот за успех.

Еден од најважните начини да го подготвите мозокот за успех е да научите како да се фокусирате на себе. Кога не сте фокусирани на себе, може да бидете преокупирани со туѓите негативни мисли, да бидете нервозни, уморни и расеани.

Еден начин на кој може да го вратите фокусот на себе е свесното дишење. Кога сте расеани и збунети не дишите правилно. Обидете се да дишите и притоа да бидете свесни за процесот на дишење.

Се препорачува и вежбање на свесност за сите сетилни искуства за да се чувствувате како едно со вашето тело. Обидете се да ги наброите работите што ги чувствувате за секое сетило со тоа што ќе најдете нешта што може да ги гледате, слушате, допирате, мирисате и чувствувате. Освен тоа, медитацијата е брз и едноставен начин кој може да ви помогне.


Фото: Freepik

Потоа, дневното визуализирање на вашите соништа како реалност може да го забрза нивното остварување. Оваа техника ја користат многу успешни луѓе. Според експертите, колку е подетална визуализацијата, толку повеќе ќе влијае врз вашите способности и ќе го подготви вашиот мозок за успех.

За мозокот е здраво и учењето нови работи. Според научниците, вежбањето нова вештина е добро за меморијата и ви помага бргу да учите нови работи и да се адаптирате на нови ситуации со самодоверба. Конечно, фокусирајте се на позитивното. Негативните мисли може негативно да влијаат врз професионалниот и приватниот живот.

Заменувањето на негативните мисли со позитивни бара вежбање и време, но запомнете дека неуспехот е единствениот начин за растење и развој. Неуспехот не е крај, туку почеток. Како што рекол авторот Наполеон Хил: „Доколку не успееш да го контролираш сопствениот ум, биди сигурен дека нема да контролираш ништо друго“.

Автор: Каролин Гастрилон
Извор: forbes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот