„Паразит“ - јужнокорејското остварување на Бонг Џун Хо, влезе во филмската историја добивајќи „Оскар“ за најдобар филм. Пред него филмовите што ја освојуваа оваа награда секогаш беа на англиски јазик. Бонг Џун Хо го освои „Оскарот“ за најдобар режисер и за најдобро оригинално сценарио. Филмот освои и „Оскар“ за најдобар странски филм.
Се чини дека Холивуд и американската филмска индустрија сè повеќе се отвораат кон светот, а Бонг Џун Хо во говорот што го одржа зборуваше на корејски јазик. Тој им оддаде почит на другите режисери, што го прави навистина голем.
„Паразит“ претставува црнокомичен трилер и на моменти хорор-приказна за невработено семејство кое успева да се инфилтрира во богато семејство, и претставува сатира за денешното општество, а на некој начин и стереотип за различни социјални класи.
Дејството на филмот ги следи четирите члена на сиромашно семејство, во моментот кога синот добива понуда да работи како приватен професор по англиски јазик на младо девојче од богато семејство. Заедно со членовите на семејството тој смислува лукав план што може да ги спаси од бедата и од подрумот во кој живеат.
Во текот на целиот филм се менуваат жанровите - во еден момент ќе се смеете, во друг ќе бидете ужасени, во трет напнати. Режисерот Бонг генијално ги жонглира овие елементи и прави баланс.
Централната тема на филмот е судирот на различните финансиски сталежи - стереотипни профили на богатите и сиромашните. Филмот го зазема ставот: богатите се наивни, без емпатија, а сиромашните се свирепи во својата потреба да се збогатат и се подготвени на сè за да дојдат до тоа. Сепак, филмот визуелно е направен беспрекорно, за што сведочи и наградата „Златна палма“ во Кан минатата година.
Aвтор: Лидија Иванов
Извор:
Noizz.rs
Фото: Printscreen/Youtube