Интересот за струките расте, а на шумарско-дрвопреработувачката се запишуваат дури и девојчиња.
Ем вредни ем хумани! Вака може да се опишат учениците од шумарско-дрвопреработувачката и текстилната струка во Средното општинско училиште „Никола Карев“ во Струмица. Покажувајќи ја својата општествена одговорност, тие деновиве изработија бироа за потребите на одделението за радиологија при Општата болница во Струмица.
По пуштање во функција на новото крило во болницата и опремување со нов апарат за компјутерска томографија и магнетна резонанса, се јави потреба за опремување со мебел, па учениците ги засукаа ракавите. Во тек е подготовка и на други изработки за одделението, а во акцијата е вклучен еден клас од 15 ученици од трета година.
Соработката на училиштето со болницата почна пред две години кога се појави пандемијата на ковид-19. Учениците и професорите предложија дел од производите што матурантите ги изработуваат за проектна задача да ги донираат во струмичката болница. Им донираа повеќе табуретки, висечки ормани, бироа за медицинскиот персонал, но и за пациентите. Направија и поправки на ентериерот во Центарот за јавно здравје - Струмица. Од текстилната струка, пак, сошија 15 комплети постелнина и ѝ ги подарија на болницата, а лани по сопствена иницијатива собраа средства и со мала помош од училиштето купија материјал, скроија и сошија постелнини за детското одделение.
Вклучени во акцијата „Шкафче за секое дете“
Мебелот што го изработуваат ги краси и училиштата низ Струмица. Моментално се вклучени во акцијата „Шкафче за секое дете“. Изработуваат шкафчиња за повеќе училишта, а во два наврати имаат монтирано мебел во ОУ „Никола Вапцаров“. Планираат да изработат летниковци за урбаните заедници низ општината. Во спортската сала во училиштето „Кирил и Методиј “ во село Дабиле изработија справи за спорт и 12 рипсови за истегнување на телото, а во средишниот двор на училиштето летна училница. Донираа бироа за канцеларијата на советниците за образование во Струмица.
Шумарско-дрвопреработувачката струка во ова училиште опстојува повеќе од 30 години. Оние што ќе ја завршат добиваат диплома техничар за мебел и ентериер. Интересот за упис расте, па успешно ја пополнуваат паралелката во прва година од дваесетина ученици. Порано интересот беше слаб, училиштето располагаше само со рачен алат, а и фирмите не беа многу расположени да примаат ученици на задолжителна практична настава. Денес имаат современ алат, работилници, задолжителната практична настава се извршува кај повеќе локални фирми. Интересно е што се запишуваат и девојчиња.
Се запишуваат и девојчиња, а по завршувањето отвораат свој бизнис
- Желбата да се запишам на оваа струка уште повеќе ми се зголеми и ми помогна цврсто да се решам, иако се смета дека за девојчиња се подобри некои полесни струки, кога го посетив училиштето на отворениот ден. Тогаш одблиску се запознав со ресурсите, можностите и организацијата. Иако фамилијарно имаме фирма за мебел, сепак, ги немаме сите машини што ги поседува училиштето. Во текот на овие две години научив многу за струката, за тимската работа и за одговорноста на работното место. Во иднина би сакала да има повеќе девојчиња што ќе се запишат - вели Лаура Цветков, ученичка во втора година.
Учениците од оваа струка заедно со нивните ментори успеаја да ги опремат со мебел сите кабинети и канцеларии на службите во училиштето. Праксата им овозможува да стекнат солидни знаења и вештини, па по завршувањето на школото да отворат свој бизнис.
- Оваа струка ми стана интересна бидејќи јас не се чувствував спремен за други струки каде што треба поголемо знаење од математика, а сум добар работник и сакам да работам со дрво. Уште на првите часови по стручните предмети, а и потоа кога почнавме да работиме во работилницата, ми стана многу интересно, научив многу за рачниот алат и за машините што се потребни за да се обработи дрво и да се осмисли, дизајнира и направи модерен и практичен мебел кој ќе одговара на ова модерно време. По завршувањето планирам со другар ми да отвориме фирма - рече ученикот Христијан Георгиев.
Опремата што ја имаат ретко се наоѓа и во приватните фирми
Катерина Палифрова, помошник-директор во училиштето, вели дека оваа струка им нуди можност на учениците да научат сѐ што е поврзано со обработката на дрвото и изработката на мебел. Училиштето располага со сите потребни, модерни машини кои дури ни повеќето фирми за изработка на мебел ги немаат. Има абрихтер, дихт, комбинирка и шлајферица добиени од Министерството за образование во 2021 година, а со свои средства набавија две кантерици и форматизер. Таа додава дека имаат и висококвалитетен, мотивиран, амбициозен, обучен наставен кадар кој ги оспособува учениците веднаш по завршувањето да си отворат своја фирма или лесно да најдат работа.
- Секако, тие веќе се спремни да го продолжат своето образование на некои од факултетите што се поврзани со струката. Со новата наставна програма се изучуваат многу нови и интересни предмети, како што се: индустриски дизајн, проектирање на мебел и ентериер, машини, алати и материјали за изработка на мебел и ентериер, се учат 3Д-програми и со тоа овој образовен профил станува сѐ поатрактивен. Многу од нашите ученици што одат на практична настава кај работодавец по завршувањето на школувањето остануваат да работат во тие фирми - вели Палифрова.
фото: приватна архива