X
 10.10.2023 Живот

За една година Фондацијата „Елеуса“ поделила скоро 21 илјада топли оброци

За една година Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА поделила скоро 21 илјада топли оброци во рамки на акцијата „Топол оброк за сите“.

Ова го истакна Катерина Давчева од Фондацијата на денешното одбележување на првата година од реализирањето на оваа акција. Таа подвлече дека оброците се делат секој ден, а бројот на корисници на оваа услуга се движи од 50 до 70.

-Сакам да нагласам дека Фондацијата „Елеуса“ не ја спроведува акцијата сама, туку ние инцираме проблем кој заедницата го препознава. Во акцијата „Топол оброк“ се вклучени уште најмалку 100 луѓе, индивидуалци кои донираат храна, ресторани кои самоиницијативно се јавуваат, компании кои сакаат да донираат, а последните денови имаме луѓе кои храната наменета за Задушница одбаа да ја донираат како топол оброк. Оваа акција ја покажа одговорноста на сите во заедницата, бидејќи гладните луѓе не се гладни сами за себе, туку се гладни за целата заедница - истакна Давчева.

Според професорката Ивана Петров Ѓоргиев од СОУ „Димитар Влахов“, кое денеска донираше топол оброк за педесетина граѓани, подготвен од ученици од угостителската струка при ова училиште, се покажува нивната хуманост.

-На моите ученици ова не им е прва хуманитарна акција и досега учествуваа на повеќе настани од таков карактер и многу пати ја покажувале својата хуманост - рече Петров Ѓоргиев.

Настанот за одбележување на една година од акцијата „Топол оброк за сите“ се одржа во дворот на црквата „Свети Димитриј и Григориј Палама“ , пред пунктот каде секој ден се дели оброк.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот