X
 16.09.2021 Наша тема

Сергеј Андреевски: Конески беше низок по раст, но човек со планетарен дух

Стојам на ставот дека најголемата опасност за нашиот јазик, а и за опстанокот на нашата држава, доаѓа од овде, од дома. Ние сме единствениот народ на светот што прави сè што е погубно за себе и за сопствената држава. Често помислувам дека ние не ја заслужуваме нашата држава. Во светот постојат многу групи на народи што катадневно се борат да добијат своја држава, своја автономија, а ние од сето тоа лесно се откажуваме, го оставаме како да ни е тукутака подарено, тежнеејќи кон туѓото, како да е повредно, поубаво, вели Андреевски


Вашиот нов циклус слики „Азбука“ е посветен на великанот на македонскиот јазик - Блаже Конески. Од каде ваквата идеја и што претставува Конески за Вас?

- Идејата за создавање на циклусот слики наречен „Азбука“ се роди сосем случајно минатата година. Буквите речиси сами почнаа да се наѕираат меѓу чкрабаниците што јас често знам да ги правам играјќи со моливот кога ја пополнувам белата површина на хартијата. Тој нов циклус на букви прво се појави на хартија, а подоцна и на платно. Тоа беа слободно претставени асоцијации на букви, својствени на мојот стил на сликање. Тие ликовни креации секако се слободни ликовни размисли што не се поврзани буквално со самите букви, ниту пак ги објаснуваат или ги прераскажуваат. Всушност, секоја слика сама за себе претставува еден свој свет, а сите заедно се поврзани и го претставуваат циклусот „Азбука“. Работејќи и истражувајќи ја историјата на азбуката, дојдов до податокот дека токму 2021 е годината посветена на Блаже Конески, односно дека тоа е јубилеј - стогодишнината од неговото раѓање. Така, циклусот со радост му го посветив токму на Конески, една од најклучните фигури на современата македонска држава. Тој е стожерот околу кој подоцна се вртат многу наши современи поети како Гане, Матеја, Радован, Анте, а секако и моите родители, како и многу други наши знајни и помалку знајни творци. Токму со тие букви се испишани илјадници книги на македонски јазик. Тие томови сведочат за нашето постоење, со тие писанија ние стануваме дел од светското културно наследство.

Сергеј Андреевски/фото: Сашо Димоски

Конески беше близок и со Вашите родители, великаните на македонската проза и поезија, Петре М. Андреевски и Светлана Христова-Јоциќ, раскажете ни нешто повеќе за ова нивно познанство и за Вашите сеќавања?

- Блаже Конески е човекот што го постави и претстави нашиот македонски современ јазик на едно светско рамниште. Тој беше лингвист, научник и поет. Беше инспирација за многу македонски творци, а секако и за моите родители. И татко ми Петре и мајка ми Светлана соработуваа со него, а поседуваа и најголем респект кон него и неговиот пишан збор. Секако, го љубеа и човекот Блаже - ведар, непосреден, едноставен, но длабок и содржаен. Татко ми Петре беше исто така и иницијатор и поддржувач за формирање фондација и обновување на Спомен-куќата во Небрегово со цел името Конески да се постави на пиедесталот на најзаслужни македонски дејци. Паметам неколку средби со Блаже од кои последната, највпечатлива, беше во домот на мајка ми Светлана. Бев изненаден од неговото познавање на англискиот јазик. Тој прецизно забележуваше ситни грешки читајќи еден поетски превод. Низок по раст, но човек со планетарен дух. Неговата истражувачка природа, неговата подготвеност за хумор кон себе и кон другите го красеа неговиот карактер. Само големи луѓе во исто време поседуваат и едноставност и големина.

И двајцата Ваши родители ги љубеа зборот и јазикот наш македонски. Дали ја наследивте таа љубов кон јазикот и книжевноста, покрај сликарството, кое е Ваша определба?

- Секако дека некои особини, можеби и најважните, ги наследуваме од дома или ги преземаме спонтано од родителите. Ако растете во семејство посветено на јазикот, поезијата или воопшто уметноста, сето тоа остава длабоки траги во вас. Таа географија ја носите на себе или во себе и при мало загребување на вашиот дух, тоа излегува од вас, остава трага. Трагата овој пат е мојата ликовна претстава за значењето на нашето кирилско писмо. Таа, мојата, а и нашата азбука испишана во разни бои е азбуката што јас ја чувствувам – моќна, звучна, разиграна. Особено ме израдува и приемот од страна на публиката, како таа ја доживеа азбуката. Радоста и возбудата беа и повеќе од очигледни.

Насликавте 31 дело, колку што има букви во македонската азбука. Како доаѓаше инспирацијата околу претставата на мотивот на секоја буква? Асоцијативно или..?

- Кај мене инспирација за секоја нова активност се поттикнува со работа, со креирање нов свет. Тоа е првото нешто или почеток на создавањето, а подоцна хартијата дава одговор и те носи во непознати, возбудливи предели. А јас со моливот ги истражувам тие непознати предели создавајќи нова возбуда, нов свет. Самиот циклус насловен „Азбука“ беше изработен за околу една година. Некои букви будеа поголема возбуда кај мене, а светот околу нив беше пораскошен, други пак се поедноставни. Меѓутоа, сите заедно поставени повторно ги ширеа зениците на моите очи. Можеби тоа е најдобро објаснето во пораката што Георги Гоце Дуртановски, почесен доктор на Летонската христијанска академија, ми ја беше испратил по повод свеченото отворање на изложбата на Широк сокак во Битола, во која пишува:
- Драг Сергеј, ти испраќам срдечни честитки со една генијална мисла од Леонардо да Винчи: „Сликањето е поезија која повеќе се гледа отколку што се чувствува, а поезијата е сликарство кое повеќе се чувствува отколку што се гледа“, јас тука ќе додадам: Изложената „Азбука“ на Сергеј М. Андреевски денеска во Битола е азбуката на која твореа неговите родители и нашите учители, а тоа е азбуката на македонскиот јазик што е наша единствена неподелена татковина – Македонија (како што има изјавено Блаже Конески). Да ни се множат културните настани на отпорот и понатаму помакедончувањето да остане вечно на нашата колективна самосвест!

Целта е да се разбуди јавноста за значењето на македонската кирилска азбука и нашиот јазик. Колку сме свесни како народ за тоа значење?

- Токму за и околу значењето на нашето писмо беше и главниот мој мотив да ја претставам пред јавноста оваа моја последна сликарска авантура. Неа буквално ја сметнав меѓу народот, онаму каде што ѝ е местото, каде што природно припаѓа. Широк сокак во Битола е можеби едно од најубавите корза на Балканот, а ковид-состојбата уште повеќе ме наведе да размислувам каде и како моите слики полесно да бидат видени, а тоа да не биде во галерија или друг затворен простор. Широк сокак беше идеален простор за реализација на мојата замисла. Сликите беа поставени во излозите, како да се дел од продажниот асортиман. Меѓутоа, тие беа доволно звучни и зрачеа, така што имаа свое достоинствено место. Самиот настан беше организиран под покровителство на уметничката колонија „Де Ниро“ од Битола. Раскошен и незаборавен беше и настапот на фолклорната група „Илинден“ од Битола. Мојот пријател, големиот поет Славе Ѓорго Димоски, прочита есеј посветен на изложбата. Тоа беше нашиот заеднички придонес за одбележувањето на овој значаен јубилеј за Блаже. Американците велат дека не е важно колку државата прави за вас, туку колку вие сте подготвени да направите нешто за неа.

Како да се бориме против оспорувањата на македонскиот јазик, култура и идентитет? Од каде доаѓа најголемата опасност?

- Да се бориме против оспорувањето на македонскиот јазик е излишно и непотребно. Јазикот наш е сѐ уште жив и витален. Тој е овде! И насекаде каде што постои и еден Македонец што го говори нашиот прекрасен јазик, тој ќе постои и опстои. Блаже велеше: „Јазикот наш, тој е единствената наша неподелена татковина.“ При мојата неодамнешна посета на едно мало село Карпи, во соседна Грција, веднаш преку границата кај Гевгелија, чув прекрасен стар македонски говор. Значи тој постои и ќе опстои и покрај омаловажувањата, непризнавањата и оспорувањата од страна на соседите. Стојам на ставот дека најголемата опасност за нашиот јазик, а и за опстанокот на нашата држава, доаѓа од овде, од дома. Ние сме единствениот народ на светот што прави сè што е погубно за себе и за сопствената држава. Често помислувам дека ние не ја заслужуваме нашата држава. Во светот постојат многу групи на народи што катадневно се борат да добијат своја држава, своја автономија, а ние од сето тоа лесно се откажуваме, го оставаме како да ни е тукутака подарено, тежнеејќи кон туѓото, како да е повредно, поубаво.
Немање национална стратегија за развој на културата, увезување сè и сешто по секоја цена; немање или невоведување реципроцитет при културни настани... Огромни средства се одлеваат за туѓи култури; тоа е многу поголема опасност отколку негаторската политика на соседите.

Со години ја организирате ликовната колонија во родното место на вашиот татко, Слоештица. Што значи да се чува сеќавањето и творештвото на бардот на македонската книжевност за Вас како негов син, но и обврска на секој од нас?

- Слојштица, како што ние милуваме да ја изговараме, е местото каде што ние како семејство сме домаќини на творци од целиот свет. Колонијата е за нас и претстава на светот во мало. Уметниците гости ја вкусуваат и нашата храна, ја слушаат нашата музика, го посматраат хоризонтот и забележуваат дека често, таму, во македонските села времето како да стои. Тие ја истражуваат околината, креираат претстави за тоа како тие ја доживуваат нашата земја – разголена, искрена и чиста. Речиси без исклучок, тие наши гости стануваат вистински амбасадори посветени на нашата земја. Деновиве заврши првиот дел на нашата колонија со гости од прочуената фотографска школа од Либерец, Чешка. Тие, бележејќи го мигот на денешното постоење на нашите сурови планини, восхитено се радуваа на слободата што тој простор ја нуди. Ние разговаравме за човекот денес, за себе, за брзината на живеењето. Често се запрашувавме каде сме, каде итаме брзоплето. Токму слободата е најголемата привилегија на живите суштества. Во пораката од Шимон Пикоус, директор на Либеречката школа за фотографија од Чешка, тој вели: „Со што ме инспирираше Македонија?! Со уште поголема желба за слобода. На телото, на духот, на душата. Можеби е тоа поради ковидот, којзнае... Но, почувствував, а во Македонија станав уште посвесен дека слободата е најголемиот подарок што ни го дал Господ. Не богатството, здравјето, ниту љубовта, туку можноста да се дише слободно.“

Како да ја продолжиме мисијата на културните дејци што ги афирмирале македонскиот јазик, книжевност, уметност, музика...? Правиме ли доволно?

- Како што претходно нагласив, овде или дома е местото каде што често е вистинската опасност за целосно згаснување на јазикот наш, музика, култура и сè што нѐ прави поинакви, што нѐ прави поразлични од другите нации. На влезот на еден универзитет во Јужна Африка пишува: 
„За да уништиш која било нација, не ти требаат атомски бомби или ракети со далечен дострел; доволно е само да се намали квалитетот на образованието.“ 



Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема